Tags:
DSG 7 автоматизиран менувач со седум степени и двојна спојка (видео)

Еден од најдобрите на пазарот

» Ако DSG менувачот на Volkswagen кој се појави во 2003-тата предизвика техничка револуција која другите производители на автомобили ја следеа, неговата подобрена верзија од 2008-мата со седум степени беше еволуција која го направи овој менувач еден од најдобрите на пазарот. Имено, оригиналниот Direktschaltgetriebe како прв автоматизиран менувач со две спојки овозможуваше подобри перформанси и пониска потрошувачка на гориво, но беше скап и комплициран и за производство и за одржување. Неговата втора генерација не само што доби уште еден дополнителен степен на пренос туку и место повеќеламелни потопени во масло, има единечни фрикциони спојки. Тоа му овозможи да биде полесен и да понуди потемпераментно возење, истовремено остварувајќи и пониска потрошувачка.

Главната предност на овој тип менувачи во споредба со мануелните е што практично нема прекин на силата при менувањето на степените на пренос, што електрониката го прави многу побрзо од човекот. Од техничка страна тој всушност се состои два споени мануелни менувачи, со заедничко   излезно вратило. Од двете спојки монтирани на двете влезни вратила една е вклучена, а другата не. На она вратило чија спојка не е вклучена активен е оној пар запченици за кои електрониката мисли дека ќе биде нареден – ако возилото забрзува тие се од повисокиот степен, а ако забавува од понискиот. Кога ќе дојде време за менување на степенот на пренос вклучената спојка се исклучува а истовремено исклучената се вклучува, што овозможува потечно возење без забележлив прекин на силата како што се случува кај мануелните менувачи кога ќе се притисне педалата на спојката. Со тоа, помали се и динамичките оптоварувања на моторот и целокупната трансмисија. Електрониката овозможува и покрај целосно автоматизирано менување возачот и рачно да може да бира кога да промени степен на пренос. Но таа ги спречува погрешните реакции и нема да дозволи возачот да избере степен на пренос кој моторот ќе го доведе на ризичен број вртежи, а кога е во автоматски режим на работа, ако треба, на пример при нагли забрзувања, место само еден ќе префрли повеќе степени нанадолу.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *