Една од најрадикалните и најсофистицирани лимузини не само во поновата автомобилска историја
» Официјално претставен 1993-та година на салонот на автомобилите во Женева, дизајнот и инженерингот на Bugatti EB112 беа сензација. Со отворање на потполно нов ултралуксузен Grand Turismo сегмент на начин на кој го може само Bugatti ослонувајќи се на беспрекорното наследство и посветеноста на најсовремените технологии, EB112 исто така во целост ја редефинираше идејата за тоа каква треба да биде една лимузина. Опишувајќи го на посебен начин, неговиот творец Џорџето Џуџаро има кажано дека Bugatti EB112 може да се пофали со бројни носталгични стилски особености од славните модели на легендарната француска марка од доцните триесетти спакувани во автомобил со иновативна механика. EB112 во многу погледи беше автомобил од соништата и предвесник на она што денес го познаваме како луксузни модели со високи перформанси. Беспрекорно го комбинираше дизајнот со технолошките и инженерски карактеристики кои наголемо беа пред своето време.
Дизајнот на Џуџаро беше оценет како уметничко дело, негово врвно достигнување. Многумина велеа дека EB112 е најубавата лимузина во светот било кога создадена, чистокрвен Bugatti кој беспрекорно ги спојува перформансите и луксузот. Неговата естетика се покажа како визионерски допир, претходник на денешната филозофија на марката која налага формата да ја следи изведбата. Смелиот и елегантен облик беше искомбиниран со револуционерна техника, што резултираше со автомобил со високи перформанси и извонредни аеродинамички способности. На многу начини EB112 се смета за духовен претходник на Veyron и Chiron. Во тој поглед однапред елегантно настапува со естетски третман кој денес е синоним за славните дизајнерски гени на Bugatti. Неговата маска, на пример, ги дефинираше цртите на лицето што го украси Veyron десет година подоцна, додека надолжното ребро од поклопецот на моторот преку покривот до разделеното задно стакло кое стилски наклонува кон Bugatti Type 57 SC Atlantic подоцна суптилно беше рекреирано прво на Veyron, а потоа и на Chiron.
Прекрасната и безвременска но и револуционерна целосно алуминиумска каросерија на EB112 прекриваше монокок од јагленородни влакна изведен од слично напредниот суперспортски автомобил EB110. Оваа технологија во 1993-та година сé уште беше револуционерна кај суперавтомобилите и целосно нова меѓу лимузините. Светската премиера во Женева беше шокантен настан за сите. Макотрпно развиван во времето кое претходеше на швајцарската изложба, EB112 со сопствен погон беше довезен до своето постолје. Погонскиот склоп исто така беше револуционерен, со 60-вентилски (по пет на цилиндар) 6,0 литарски (5.994 cm³) V12 мотор споен со шестстепен мануелен менувач и софистициран систем за погон на сите четири тркала. Атмосферскиот агрегат произведуваше 460 KS при 6.300 вртежи во минута, а неговиот најголем вртежен момент од 590 Nm беше достапен од само 3.000 вртежи во минута, што овозможуваше потентни перформанси тогаш далеку поголеми од било која високоперформансна лимузина – можеше да постигне најголемата брзина од 300 km/h и да стигне до 100 km/h за само 4,3 секунди. За обезбедување високи перформанси во сите услови системот за погон на сите четири тркала кој беше еволуција на напредната технологија од EB110 го распределуваше вртежниот момент 38% напред и 62% назад. Таа способност на EB112 беше подобрена со поволна распределба на тежината која инженерите на Bugatti ја постигнаа позиционирајќи го моќниот V12 што е можно подалеку наназад, со што покрај обезбедувањето на динамички особини се подобрија и безбедносните карактеристики при судар.
Bugatti EB112 беше вистински пионер, авангардист кој влијаеше на тоа како лимузинскиот сегмент радикално ќе се промени после неговото претставување. Пред него не постоеше лимузина со високи перформанси и атрибутите кои ги имаше EB112 – визионерски дизајн, извонредна сила и луксуз во изобилие. Претставува важна пресвртница во богатото наследство на Bugatti, која ќе беше уште поважна ако компанијата во моментот на неговото претставување не се соочуваше со тешка економска ситуација и не банкротираше во 1995-тата, по што нејзиниот имот беше распарчен и распродаден. Како потсетување на неизживеаниот живот кој предвидуваше производство од 300 примероци годишно ќе останеше само единствениот подготвен концепт доколку три недовршени возила и одредена количина делови и компоненти не дојдоа во посед на бизнисменот од Монако Гилдо Паланка Пастор. Од нив во 1998-мата ќе бидат склопени уште две возила.