Патарина и за возење низ град?!

Кога ќе го пуштиш кучето од синџир, ќе јаде колачиња!

» Мобилноста на новиот милениум сите различно ја сфаќаат, но некои забегаа до бесвест. Ние кои живееме во некои пореални за сфаќања општества мораме да им бидеме благодарни затоа што ќе нé натераат да мислиме 10-20 или повеќе години попрогресивно, но сé си има своја граница. Дефинитивно зад границата на молчешкум прифаќање, дури и кога не се согласуваме со тоа, е идејата на самоповиканите европски „експерти“ дека треба да се плаќа дневна патарина и за возење низ град. Нивното размислување е следно: „Ако имате пари за BMW, тогаш имате и за плаќање ваква патарина“. Своето тврдење тие го поткрепуваат со студијата што ја изработиле (за која сигурно намлатиле добри пари), во која се вели дека ако секој плаќа по 6 евра дневно (што реално значи 150 евра месечно) за возење низ Минхен, тогаш сообраќајните гужви таму би се намалиле за 23 отсто и градот би инкасирал 600 милиони евра годишно.

За сликата да биде појасна таа излезе од устите на стручњаците од универзитетот во Минхен, кои очигледно никогаш не мрднале подалеку од својот град, бидејќи ако беше поинаку немаше нивното тврдење да звучи како она: „ако немаат леб, нека јадат колачиња“. Господа експерти, ние од нашиот Балкан ќе ви порачаме да си ги возите вашите BMW-иња и да плаќате колку сакате за тоа, ама само таму каде што живеете и не осмелувајте се на цел свет да му кажете да јаде колачиња!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *