BMW M, сега на струја
» На одговорот на квиз-прашањето што се добива кога две познати букви од арсеналот на BMW ќе се здружат се чекаше уште од првиот момент кога баварскиот производител го најави новиот електричен седан. Кога тој под ознаката i4 беше претставен пред некој месец само беше потврдено дека ќе има перформансна верзија, без споменување други букви. Не ни мораше, бидејќи беше јасно дека ќе ја носи М-ознаката.
Така и бидна и сега за него се знаат сите детали, почнувајќи од името кое му е i4 M50. За да го оправда статусот како прв електричен модел од M-семејството ќе располага со врвни перформанси обезбедени од 544 коњски сили моќната погонска група составена од два електромотора која дава и ултимативни 795 Nm вртежен момент. Преработени во секунди и километри на час преку четирите погонски тркала тие значат 3,9 до 100 и максимални 225. Сепак треба да се знае дека тие 544 коњи на располагање се само кратко – 10 секунди, додека номиналната моќност е за 69 KS помала. Батериите од 83,9 kWh му обезбедуваат автономија од 510 километри, а за нивно полнење од 10 на 80% на 200 kW моќен полнач потребни се 31 минута. Внатрешноста и надворешноста се спортски облагородени, меѓу другото и со седиштата позајмени од M3 и M4. Продажбата стартува на есен, а цената во Германија е 69.900 евра.