На јуриш!
» Кратко едно по друго, BMW ни ги претстави новите верзии на серијата 4 – кабриолетот и адреналинскиот M4, кои, очекувано, исто како и купето, ги „красат“ огромните бубрези. Но во пакет стигна и технички идентичниот M3, за кој традиционалистите попусто се надеваа дека ќе биде поштеден од дизајнерскиот егзибиционизам на Кореецот Сеунгмо Лим и Хрватот Домагој Ѓукец. Со тоа BMW јасно порача дека отсега натаму многу негови нови модели ќе бидат вакви, ни се допаѓало тоа или не. А дека има многу такви на кои им се допаѓа сведочи цената – М3 се продава за 80, а М4 за 82 илјади евра, додека најевтиниот кабриолет чини 52 илјади евра.
И покрај сé, место за загриженост нема – сите овие новитети, биле серија 3 или 4, купе или пак кабриолет, зрачат со персоналитет и адреналински перформанси кои никако не можат да им се оспорат. Нема ни како – зад буквата М се крие трилитарски битурбо ѕвер со шест цилиндри и 480 коњи, кои со „скромна“ доплата од некои 7 илјади евра за Competition пакетот ќе се размножат на 510. Тие се сосема доволни BMW M3 и M4 до стотка да забрзаат за помалку од 4 секунди. Брчки на челото ќе предизвика фактот дека овие два модела засега имаат погон само на задните тркала, но и тоа, за некоја „разумна“ сума евра, наскоро сигурно ќе се реши.
Затоа пак компромиси околу технологиите нема. Не ни може да има со оглед на значењето на буквите B, M и W, засилени со уште едно M. Да споменеме: сопирачки By Wire, преку милијарда поставки на ослонувањето, систем кој ги мери должината и аголот на дрифтање… Што уште да се каже? А, да требаше нешто и за кабриолет верзијата на серијата 4, ама…
коментари: