» ,
Volkswagen го освежи Polo

Како помал Golf

» Обновувањето на шестата генерација на Polo му донесе свеж настап со доста корекции за да може да остане конкурентен на новата европска понуда во оваа класа. Веќе на прв поглед е јасно дека со редизајнот Polo доби стилски елементи кои прават да личи на Golf. Предниот дел значително е променет и сега тенките светла од долната страна се обрабени со ЛЕД лента која се протега сé до логото на марката на средината на маската, а со доплата можат да се добијат и напредните IQ Light LED Matrix светла. Задните светла се со нов изглед, натписот Polo е на средината, а сменети се и браниците. Од само ним познати причини Германците минимално го зголемија меѓуоскиното растојание, додека сите други габарити останаа исти.

Уредувањето на ентериерот е непроменето, но технологиите се унапредени со дигитални инструменти, нов мултимедиски систем со гласовни команди и повеќе конективни можности, а материјалите се подобри. Опременоста сега поделена во различни пакети е збогатена со нови асистенти за возачот, како што се адаптивниот темпомат, одржувањето на возилото во лентата на движење, автоматско кочење и друго. Од моторизацијата се исфрлени дизелите и понудата на Polo на почетокот ќе се заснова само на еднолитарскиот трицилиндричен мотор со 80, 95 или 110 KS, а во верзијата со компримиран природен гас со 90 KS. Во зависност од верзијата менувачите се мануелни со 5 или 6 степени или по желба DSG со 7 степени. Подоцна ќе има и други мотори, пред сé дволитарскиот со повеќе од 200 коњи за GTi, но не и електрифицирани верзии.

Цените Volkswagen официјално ги нема објавено, ама во Германија се очекува да се движат од околу 16.000 евра за основната верзија. Продажбата ќе стартува наесен.

Испрати коментар

Вашата е-мајл адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *