Како се роди Speedster легендата?
» Отворен покрив и извонредна динамика ставени во ист автомобилски контекст звучат прилично возбудливо и веднаш асоцираат на 356 America Roadster. Јасно и зошто – прадедото на сите вакви автомобили е дел од имиџот кој пред седум децении Porsche трпеливо почна да го гради. За заслугите зошто е така мора да дадеме мал осврт на технологиите употребени во раните 50-ти години на минатиот век, пред сé на лесната и цврста каросерија изработена од алуминиум и четирицилиндричен боксер мотор од 70 KS. Резултат: максимална брзина од импресивните за тоа време 180 кm/h.
Ова спортско возило, развиено само за американскиот пазар и изработено во ексклузивни 16 единици, уште тогаш ги содржеше клучните елементи на Speedster дизајнот – екстремно ниското ветробранско стакло, склопување на прозорците во вратите, водоотпорниот покрив за заштита од врнежи, лесните школки за седиштата… Но на радост на целокупната светска популација автомобилски заљубеници, во 1954 година Porsche излегува во пресрет на барањата и понуди негова економична верзија која чини неполни 3.000 долари. Заедно со тоа во името за прв пат се појавува ознаката Speedster, која пак веднаш станува тркачки синоним.
Тогаш на сончевата страна на Америка 356 Speedster кој имаше смешно мал мотор од 1.500 кубни сантиметри инстантно стана продажен хит и воедно имиџ-автомобил посакуван од сите, меѓу кои и славниот актер Џејмс Дин, чиј прерано загубен живот по игра на судбината стана нераскинлив дел од историјата на овој модел. Неговиот понатамошен развој во 1957 година резултира со појавата на 356 A 1500 GS Carrera GT Speedster кој од својот исто 1,5 литарски боксер мотор извлекуваше 110 KS, доволни за максимална брзина од 200 km/h.