Најдобриот чешки извозен производ, после пивото
» Приказната за Octavia, освен името, започнува во 1992 година кога Škoda му се приклучи на Volkswagen, кој несебично ѝ ги отстапи своите технологии и механика. Земајќи го Golf IV како основа, чешките инженери кои за прв пат во историјата на компанијата работеа со компјутерски потпомогнато проектирање, создадоа модел со уникатен дизајн кој ја редефинираше марката и нејзиниот имиџ. Автомобилот беше претставен на 1 септември 1996 година, а неговото производство започна два дена подоцна во модернизираната фабрика во Млада Болеслава во која беа вложени преку 600 милиони германски марки. Освен платформата, од германскиот патрон беа преземени и моторите и менувачите, но и други компоненти како седиштата на пример. Но затоа изгледот, како надворешен така и внатрешен, беа карактеристични. Дури и денес за првата Octavia ќе се каже дека има непогрешлив печат на безвременски елегантен дизајн.
Како што тогаш беше актуелно кај сите западни производители, акцент беше ставен на активната и пасивна безбедност. Освен со предни, Octavia се опремуваше и со странични воздушни перници. Беа користени засилувања на вратите а достапен беше и системот против блокирање на сопирачките. EuroNCAP на првата модерна Octavia ѝ додели четири ѕвездички, што беше во согласност со конкурентските автомобили на европскиот пазар. Во првата година од производството Octavia доаѓаше со два бензински и еден дизел мотор. Основна понуда беше 1.6 со 75 KS, додека подобра алтернатива беше 1.8 20V верзијата со пет вентили и 125 KS, а современиот 1.9 TDi со 90 KS можеше да се пофали со просечна потрошувачка од само 5,1 литри на 100 km. Со текот на времето палетата мотори постепено се ширеше опфаќајќи распон од бензински 60 до 180 и дизелски од 68 до 130 KS.
Пролетта 1998-мата беше претставена и караванската верзија на Octavia, чиј елегантно обликуван заден дел нудеше 1.512 литри простор за багаж. За нејзините практични вредности најдобро кажува податокот дека освојуваше и преку 40 отсто од купувачите на Octavia и заради големиот интерес мораше да биде активирана нова монтажна линија во фабриката на Škoda во Врхлаби. Во 2000-тата година Octavia ја дочека својата модернизирана со која пристигна и топ верзијата RS. Динамиката ѝ ја даваше турбо моторот од 1,8 литри со 180 коњи со кои можеше да забрза од 0 до 100 km/h за 7,9 секунди и да постигне најголема брзина од 235 km/h. Имаше и самовентилирачки дискови, атрактивни спортски седишта и управувач, педали од нерѓосувачки челик и други атрактивни додатоци.
Огромната популарност на првата модерна генерација на Octavia придонесе таа паралелно да остане во производство уште шест години по појавувањето на нејзиниот наследник – сé до 2010-тата. Статистиката на компанијата покажува дека се направени вкупно 1.445.563 примероци, од кои една третина од караванската верзија. Освен во Чешка, Octavia I се произведуваше уште и во Полска, Босна и Херцеговина, Украина, Казахстан и Индија.