Tags: , , ,
Peugeot 404 (1960-1989) – видео, фото-галерија

Автомобилот кој ја покори Африка

» Откако Европа во педесеттите години колку-толку закрепна од втората светска војна, дојде време производителите на возила да мислат на проширување на гамата и со поголеми модели наменети за поситуираните купувачи од средната класа. Ситуацијата од земја до земја драстично се разликуваше и во тој момент само француската автомобилска индустрија без некој преголем политички или економски притисок можеше слободно да размислува за натамошен развој во оваа насока. Така, во 1955 година се појави револуционерниот и тогаш шокантен Citroen DS, кој со фрапантниот дизајнерски израз и иновативните технички решенија најави доаѓање на едни други времиња. Купувачите реагираа, но не и другите производителите на возила кои не беа доволно храбри да го следат потегот на Citroen. Renault во тој момент луташе меѓу класите, а Peugeot кој само неколку месеци претходно го престави 403, сметаше дека треба да подготви сосема спротивен одговор на кој со нетрпение се чекаше пет години.

И беше во право – кога во 1960-та се појави 404, сите во него видоа сушта спротивност на DS. Место на авангардното, неговите квалитети беа базирани на провереното – дизајнот како елегантна мешавина на класичниот и модерниот стил, механиката со решенија кои гарантираа неверојатна издржливост и традиционалната француска удобност која беше задржана на нивото кое се очекуваше, ништо повеќе од тоа. Вешто избалансираниот сооднос на сите овие карактеристики во споредба со хипермодерниот DS кој на препад ја освои публиката но со неколку мани кои беа данок на напредната концепција, го промовираа Peugeot 404 ширум светот како лимузина со доверлива механика. Таа беше базирана на технички модификуваниот 403 и подразбираше мотор поставен надолжно и погон на задните тркала. За дизајнот и овој пат беше задолжена прочуената италијанска куќа Pininfarina, конкретно лично Батиста Фарина. Забелешките дека новиот Peugeot не е потполно оригинален и дека доста личи на Lancia Florida, Fiat 1800/2100, а најмногу на Austin Cambridge и Morris Oxford, можеа да се толкуваат и како комплимент бидејќи заедничко за сите нив беше складниот дизајн под американско влијание со доста хром и елегантни вертикални крила на задниот дел.

Автомобилот веднаш наиде на одобрување на јавноста и на позитивни критики на специјализираните медиуми. Со своите 4,5 метри должина, пространиот ентериер, багажникот кој можеше само да се посака и големиот број луксузни детали во внатрешноста Peugeot 404 делуваше попрестижно отколку што беше, што го зголеми интересирањето на купувачите. Под хаубата на новиот модел се наоѓаше конвенционалниот и проверен 1,6 литарски бензински мотор со 72 KS, што беше доволно за 145 km/h максимална брзина. Силата се пренесуваше на задните тркала преку четиристепен мануелен менувач чија рачка се наоѓаше на столбот на управувачот. Во 1961-та беше покажана кабриолет изведбата, а идната година и купето базирано на неа. Тогаш понудата беше зголемена и со караванска верзија со пет и седум седишта, во ’64-тата 404 на купувачите им беше понуден и со 1,8 литарски дизел со 55 KS, а при крајот на шеесеттите доби и пикап верзија.

Со ова беа поставени темелите на една долга и успешна приказна во автомобилската историја не само на француската марка, туку воопшто во моторизацијата на човештвото, посебно во најсиромашните земји. Комбинација на практичната каросеријата со издржливата механика направија Peugeot 404 да стане национално возило во Африка. Затоа овој модел продолжи да се произведува цели 20 години по претставувањето на неговиот наследник 504 – во Франција до 1975 година, во Аргентина до 1982-рата, а во Кенија дури до 1989 година. Се произведуваше уште и во Белгија, Ирска, Португалија, Италија, Канада, Чиле, Перу, Уругвај, Австралија, Нов Зеланд, Малезија, Јужна Африка, Зимбабве, Нигерија и Мадагаскар, а вкупно се направени 2.885.374 примероци од сите варијанти.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *