Бојата влијае на продажбата, имиџот и безбедноста

Првиот впечаток често е пресуден

» Маркетиншките стручњаци имаат заклучено дека првиот впечаток и визуелниот ефект кој го остава често се пресудни при изборот на автомобил. Заради тоа при лансирањето на нови модели се подготвува специјална промотивна боја за нив која ќе го истакне нивниот изглед. Но вкусовите на купувачите се менуваат. Што сака просечниот Европеец? Црвената и сребрено сивата се изедначуваат со традиционално најпродаваната бела боја, а сé повеќе се бара и жолтата. Генерално, светлите нијанси котираат високо. Од друга страна атрактивната боја ќе помогне за зачувување на вредноста на автомобилот, но само ако во моментот на продажбата биде во тренд. Заради тоа понекогаш е подобро да се изберат посмирени нијанси и оние бои кои традиционално највеќе се бараат. Неутралните бои, посебно белата, оптички го зголемуваат автомобилот, а некои пак сакаат нијанси кои се валкаат помалку, односно на кои нечистотиите помалку се забележуваат.

Но боите влијаат и на безбедноста. Впечатливите бои како зелената и црвената значително подобро се воочуваат во услови на намалена видливост, а според проценките на стручњаците за безбедноста најмногу придонесува жолтата боја, посебно на магловито време. Психолозите пак сметаат дека бојата на автомобилот го открива и карактерот на возачот. Еве што велат тие:

Бела – чувствителните и преоптоварени луѓе често се кријат зад девствено чистата боја на лимот. Лицата кои ја бираат белата боја потсвесно сакаат да побегнат од стресната стварност во смиреноста на аскетската белина.

Црвена – не е чудно што биковите се дразнат на црвената крпа во рацете на тореадорите. Црвената боја отсекогаш означувала агресивен карактер. Тоа е и боја на активните луѓе и заради тоа е типична боја на вистинските спортски автомобили, додека бордо и темно црвената боја откриваат лица желни за моќ.

Сина – светло сините тиркизни нијанси често укажуваат на препотентни и умислени лица. Небески сината боја открива романтични сонувачи, а темната нијанса мирни, културни и семејни луѓе потполно задоволни со својата моментална состојба.

Зелена – темните нијанси откриваат затворени, конзервативни лица но и оние со малограѓански манири. Светлозелената боја ги карактеризира симпатичните и весели лица кои не сакаат ограничувања во однесувањето.

Жолта – боја на задоволните и весели луѓе кои тоа по секоја цена го посакуваат и на другите околу нив. Овие лица лесно склопуваат познанства, во друштво се пријатни ама понекогаш им недостасува искреност.

Виолетова и розева – типични женски бои кои укажуваат на романтично чувствителни, често и посесивни лица склони на кич и предизвикувачко однесување кои понекогаш не можат да ги контролираат своите емоции и ако покажуваат лежерност, тоа е често само маска.

Сива – боја на студените и пресметани луѓе кои се вешти во дипломатското однесување. Сакаат да ги сослушаат другите иако тоа е често глума. Темно сивата укажува и на депресивен карактер.

Црна – софистицираните и педантни лица кои држат до себе се возат во црни возила. Тоа е често и симбол на нивниот авторитативен карактер кој отворено сакаат да го покажат. Оваа боја понекогаш е и одраз на младешка елегантност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *