Моделот што од Datsun направи светско име
» Сакајќи да добие повисока препознатливост како бренд, Nissan, односно Datsun под кое име јапонската марка меѓународно ги продаваше своите возила до ’80-тите години, уште во 1959 година лансираше мал спортски родстер кој требаше да изгради имиџ кој Јапонците го немаа. Тоа навистина им успеа дури после деценија, со лансирањето на Fairlady Z, секаде освен во Јапонија познат како 240Z. Кога се појави, на сите им беше јасно дека овој денес прочуен спортски автомобил поставува нови стандарди со својот европски стил, американската сила и јапонскиот квалитет кои го правеа пожелен низ целиот свет.
Заслугата за неговото појавување директно се припишува на тогашниот директор на Nissan Јутака Катајама, познат како Мистер К, кој едно време живеејќи и работејќи во Калифорнија во голема мерка го познаваше вкусот на Американците. Негова беше идејата и за првите Fairlady родстери кои не беа тоа што требаше да бидат, но затоа купето кое како нивни наследник се појави во 1969 година беше скроено по мерка да има најголеми шанси за успех. Тоа и се случи, бидејќи 240Z односно Fairlady Z како што му беше ознаката за домашниот пазар, тотално ја изненади публиката таа година на салонот на автомобилите во Токио. Малку е да се каже дека во него беше препознат автомобил кој пружа сé она што и некои модели на Porsche и Jaguar, за цена која е за 30-50 отсто пониска. Некои во него препознаа дури и предизвикувач на Ferrari што беше малку претерано, но нема сомнеж дека 240Z беше автомобил кој е посебен на свој начин.
Под неговата долга хауба се криеја 2,0 и 2,4 литарски шестцилиндрични мотори со 130 и 150 коњски сили кои преку четиристепен мануелен менувач се пренесуваа на задните тркала. Се нудеше во верзии со 2 и 2+2 седишта со две меѓуоскини растојанија и во повеќе слични но сепак различни изведби прилагодени на пазарот каде се продаваше, заради што на Nissan на почетокот му беше тешко да ја следи побарувачката. Но работите бргу се искристализираа и Јапонците се најдоа во ситуација да не можат да произведат доволно возила за да ја задоволат побарувачката. Тоа несакајќи придонесе околу 240Z да се створи одредена доза мистичност, која дополнително беше засилена со неговото значително покачување на цената на извозните модели.
Таквата ситуација Јапонците мудро ја користеа со текот на годините, обновувајќи го моделот пред купувачите воопшто да го посакаат тоа. Така во 1974 година тој доби 2,6 литарски мотор со 165 коњски сили, а после две години и 2,8 литарски со 170 коњи, проследени со нови ознаки – 260Z и 280Z. Паралелно заради заострувањето на безбедносните стандарди пред сé во САД беа направени и дизајнерско-конструктивни измени кои ја зголемија тежината на возилото, заради што малку страдаа перформансите. Растеше и цената, на што како последица, под влијание и на зголемената конкуренција, му опаѓаше популарноста.
Инженерите на јапонскиот производител се најдоа пред голема дилема, што тие во 1979 година ја разрешија со претставување сосема нов, иако на лик сличен модел, сега со ознака 280ZX. Поставен на потполно нова платформа, тој во секој поглед беше поголем и нудеше попростран, значително покомотен и полуксузен ентериер. Секако и цената повторно порасна, но тоа купувачите воопшто не ги загрижуваше – тие беа задоволни од понуденото и Јапонците, кои во Америка веќе започнаа да го исфрлаат името Datsun и да го менуваат со Nissan, забележуваа одлични, дури и рекордни бројки во продажбата. Тоа им беше сигнал дека наредната генерација на овој модел мора наново да ја обмислат, што и се случи со неговиот наследник претставен 1983 година под ознаката Nissan 300ZX, кој беше сосема нов во секој поглед.
Денес сите верзии на овој модел, без разлика од која генерација се и каква бројка имаат во ознаката, со право се сметаат за едни од највредните јапонски класични автомобили. Тоа го сфати и Nissan, кој во 1998 година со оригинални делови реставрираше голем број возила. Ги понуди на продажба во навистина високи цени, а тоа што тие се распродадоа во рекорден рок ни кажува доволно колку овој автомобил е ценет.