Tags:
Datsun Fairlady (1959-1970) – фото галерија

Момиче кое порасна во прекрасна убавица

» На почетокот на својата интернационална кариера во педесеттите години, купувачите ги сметаа возилата на Nissan (кои тогаш се продаваа под ознаките на Datsun) за едноставни, квалитетни и евтини но и безлични јапонски возила. Нормално, Јапонците иако беа задоволни со продажбата не беа и со таквиот имиџ, сметајќи дека им треба малку поинаква препознатливост, различна од онаа која им ја нудеа на купувачите. Знаеја дека публиката, посебно американската, повеќе бара стил отколку практични вредности, заради што во 1959 година беше креиран родстерот Fairlady кој се извезуваше како Datsun Sports. Малото дури и смешно возилце со каросерија од фиберглас требаше да биде алтернатива на британските родстери, но неговиот еднолитарски мотор со 37 коњски сили беше премногу слаб да може навистина да го стори тоа. После направените само 20 примероци од првата серија, идната 1960 година моделот унапреден со 1,2 литарски мотор на почетокот со 48 а потоа со 60 коњски сили и челична каросерија, го најде својот пат кон Америка. Во скромни количини, бидејќи до 1962 година беа направени вкупно 505 примероци, сите со управувач на левата страна и наменети за извоз.

Втората генерација на Fairlady беше првиот колку-толку вистински спортски модел на Datsun. Проектиран за масовно производство, имаше привлечен дизајн безмалку копија на британските родстери и сосема солидни перформанси обезбедувани од 1,5 литарски мотор со 77 и 85 KS. Уникатно решение беше третото седиште сместено назад попречно, кое во 1965 година беше исфрлено. Тогаш беше унапреден целиот ентериер, а моторот заменет со 1,6 литарски со 96 коњски сили. Пресвртот се случи две години подоцна кога Fairlady доби дволитарски мотор со 135 и во перформансната верзија 150 KS, кои преку тогаш егзотичниот петстепен мануелен менувач го дотеруваа до 205 километри на час. Беа продадени околу шест илјади примероци, кои иако релативно малку, доста добро го трасираа патот на неговиот наследник Fairlady Z, низ светот познат како Datsun 240Z.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *