Tags:
Предупредување за зима

На мостовите и надвозниците како на лизгалиште

» Во зимските месеци кога температурите се спуштаат под нулата најголема опасност за возачите претставува мразот на патот, кој може да се појави на многу места. Во Македонија како земја во која по правило владее умерен студ возачите се навикнати на релаксирано возење без разлика на температурите надвор – се внимава само кога времето е лошо, кога врне или паѓа снег. Затоа и често ја игнорираме опасноста која во зимските месеци демне на многу места, но најлошо е кога патот е добар за возење. Тогаш некои локации знаат непријатно да изненадат заради мразот на патот кој може да се појави без предупредување. Тогаш заради лошото прилепување возилото наеднаш, најчесто накратко занесува и после тоа, откако ќе се помине преку мразот и пневматиците ќе дојдат во добар контакт со незамрзната подлога, возилото продолжува натаму накаде се свртело при занесувањето. Без оглед кој и каков автомобил се вози, дали има погон на сите четири тркала или пак е опремен со најмодерните системи за безбедност, законите на физиката важат за сите и опасноста заради потенцијалното губење на тракцијата и контролата врз возилото е реална.

Доволно е само малку снег или дожд кои на ниски температури, посебно на делници на кои нема многу сообраќај, во одреден момент да замрзнат. Најкритични, да не кажеме стапици за вас и вашиот автомобил, се мостовите и надвозниците. При поминување по такви делници треба многу да се внимава – мразот се појавува одеднаш, без предупредување. Може да го има малку, но може и многу. Вишокот самодоверба во себе и сопствениот автомобил само може повеќе да штети. Кога ќе се сфати каква е ситуацијата, тогаш најчесто веќе е предоцна. За разлика од нормалниот пат кој е изложен на студениот воздух само од горната страна, мостовите и надвозниците се изложени на ниски температури и ветар од секаде – одозгора, одоздола, од страна… Кога температурите паѓаат мостовите се ладат побрзо од патот, така што таму го поголема брзина ќе се создава мраз на коловозот. При наидување на таква ситуација изненадувањето е преголемо за возачот инстинктно да реагира, бидејќи до тогаш не добивал никакви сигнали од патот дека е можно да биде замрзнат. Последиците, се разбира, можат да бидат катастрофални. Опасност постои и од верижен судар бидејќи и возилата што наидуваат на истото место ќе ги снајде истото.

Треба да се внимава и на пострмни патишта, на остри свиоци и на места на кои мора да се намали брзината или да се застане, на пример пред крстосници. Внимание е потребно и на паркиралишта, на кои сепак заради малата брзина последиците ќе бидат мали или безначајни. Опасни се и тунелите, посебно подолгите бидејќи е можно од двете страни да владеат различни временски или температурни услови. Опасни места се и оние на кои се собира или протекува вода. Иако денес ретко ги има, улиците поплочени со коцка исто така се критични заради процепите на површината во кои се собира вода која може да замрзне. Треба да се има на ум и дека кога температурите се осетно ниски дека и дождот кој ќе падне на патот може брзо да замрзне.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *