Tags: ,
Мултимедијални системи

Потреба или помодарство?

» Презентациите на новите возила почнаа да наликуваат на прикажување на конективните капацитети и ревија на големи тач-екрани вградени во нивните новитети. Последнава деценија производителите се натпреваруваат кој ќе вгради повеќе примарни (па и секундарни) контроли на средишно сместените електронски уреди кои станаа вистински центри за командување. Механиката останува во втор план – во тој дел освен почистите мотори, ништо драматично не се случува. Тоа е трасата по која и во иднина ќе се движи пазарната логиката при понуда на нови возила. Објаснувањето е едноставно, така сакаат купувачите!

Развојот на автономните возила, од друга страна, овозможува движење на автомобилот без интервенции на возачот. Скоро да нема марка која нема или во блиска иднина нема да излезе на пазарот со електрифицирано возило кое се движи самостојно. Помеѓу реалноста и блиската иднина сега ни се нудат возила кои поседуваат цели системи од автономното возење и силните конективни капацитети.  Веќе се вградува, а во во блиска иднина се очекува нивно сериско присуство на мултимедијални системи кои овоможуваат онлајн контакт со светот. Сега доаѓаме до точката каде што со сите тие системи треба да се командува. А тоа, ќе признаеме, воопшто не е едноставно. Барањата од возачот се однесуваат на силна концентрација врз патот со истовремено прецизност при ракување со мултимедијата.

Ова не само што не е едноставна реакција туку има длабоки реперкусии врз психомоториката на возачот. Како мала илустрација нека послужи примерот на телефонски повик на кој треба да се одговри при возење. Под претпоставка дека тоа дејствие се одвива без одвојување на рацете од управувачот, на мозокот му треба време за реакција, кое пак автоматски значи дефокусирање од случувањата на патот. Понатаму, ако при тој разговор се комуницира за теми кои предизвикуваат разни емоции, човечкиот мозок знае и привремено да се исклучи од возењето. Од безбедносен аспект тоа значи неколку секунди неспособност за реакција на промена на новосоздадените услови. Ако се вози на автопат со 100 km/h, во една секунда се поминуваат околу 28 метри. Замислете ги тие неколку секунди (помножено со 28 метри) без потполна контрола над возилото!

И да повториме, зборуваме само за обичен телефонски разговор. Замислете сега да треба на мултимедијалниот систем да ја промените внатрешната температура или пак степенот и начинот на дување на вентилацијата. Таа операција се изведува со интеракција на мултимедијалниот уред. Колку секунди се потребни за таа едноставна операција, или пак колку ќе се променат патните услови во тој временски рок? Многу, понекогаш опасно многу! За посложените дејствија за кои ќе мора да се притискаат неколку последователни, избрани менија, не сакаме ниту да помислам. И сето тоа сé уште е во рамки на со закон дозволени дејствија.

Оправдувањето на производителите за вложените средства во развој на сопствени системи доаѓа во вид на спин дека се работи за безбедносни системи. Се разбира дека се тоа два одвоени света кои можат да коегзистираат, а без притоа да биде одземено вниманието на возачот, односно без да се загрози безбедноста. Значи, јавно да го искажеме нашиот конечен став: НЕ за користење на мултимедијалните системи за време на возењето. Можете да ги подесите сите параметри, па да започнете со возење. Ако се сменат условите треба да се застане, повторно да се подесат параметрите па да се продолжи со безбедно возење. Во спротивно додека возиме ќе пишуваме пораки, ќе користиме социјални мрежи, ќе снимаме и фотографираме, ќе комуницираме со пријателите, ќе правиме сé што ни го овозможуваат новите конективни технологии. Сето тоа, повторно нели, под заштита на законот кој тоа ни го дозволува.

И потоа се чудиме како некои незгоди воопшто се случиле. Зарем тоа сеуште некому не му е јасно? Затоа, и покрај преземањето на целиот ризик да бидеме прогласени за назадни опортунисти, ние сме категорично против користењето на мултимедијалните системи за време на возењето.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *