Достоен наследник на легендарниот Renault 4
» Кога стана јасно дека најпродаваниот и најдолговечен модел во историјата на француската марка Renault 4 (1961-1994) не може да биде ускладен со тогаш претстојните ЕУ регулативи, започна развојот на неговиот наследник. Патрик Ле Квемен го доработи дизајнот на претходниот проект W60 чиј концепт понуди некои поинакви вредности, но во помала и покомпактна каросерија со само еден пар врати, донесувајќи дотогаш незамислив простор до таа мера што се смета за зачетник на нова категорија мали градски моноволуменци.
Renault Twingo e претставен во октомври 1992-рата на салонот во Париз, а веќе во декември стартуваше со продажба, најпрво на францускиот и германскиот пазар, а потоа и на другите. Беше понуден во само четири бои и едвај неколку опции, како што беа платнениот покрив и полуавтоматскиот менувач. Агилноста му ја обезбедуваа малите димензии (3.433 × 1.630 × 1.423 mm) и покрај застарениот и анемичен мотор од 1.239 cm³ со 55 KS . Имаше три размерно благи редизајни во 1998, 2000 и 2004 година, а се менуваше и моторот. Со текот на времето понудата се збогатуваше, но сепак основната филозофија за настап на пазарот остана иста – да освојува со својата едноставност која го направи еден од најуспешните градски автомобили.
Штета што втората и донекаде третата генерација ги изгубија шармот и неверојатната функционалност на оригиналот. Наследникот од 2007-мата остана без индивидуалност која во 2014-тата донекаде беше обновена со третата генерација со моторот и погон назад, но по цена на губење на немал дел особини со кои оригиналот одушевуваше. Првиот Twingo се произведуваше во Франција, Шпанија, Тајван, Уругвај и Колумбија, од каде последниот примерок излезе во 2012 година. Вкупно 2,6 милиони возила најдоа купувачи и ден-денес неретко се среќава на улиците. Сигурно е дека првиот модел кој помалку стана и култен нема причина да не се смести рамо до рамо со другите обични автомобили со душа, како што се Fiat 500, Спачек, Буба, Mini…