Tags: ,
Систем за исклучување на цилиндрите (видео)

Пола пие, пола на Шарец дава…

» Со технологијата за исклучување на цилиндрите која има повеќе ознаки во зависност од производителот, потрошувачката на моторите се намалува кога нема потреба од многу сила. Имено, автомобилските мотори во возењето често користат само 20 до 40 отсто од силата која можат да ја испорачаат па стручњаците одамна имаат дојдено на идеја повремено да можат да се исклучат дел од цилиндрите, обично секој втор. Преостанатите можат да ги исполнат барањата, а се штеди гориво. Цилиндрите се исклучуваат при мало оптоварување и при низок до среден број вртежи. Кога возачот нагло ќе ја притисне педалата за гас, се вклучуваат сите цилиндри. Исклучувањето на цилиндрите одлично се надополнува со старт-стоп системот.

Оваа технологија е позната многу одамна – првите концепти на повремено исклучување на цилиндрите во работата експериментално се користени во втората светска војна. Кај сериските возила General Motors ја вградуваше кај V8 моторите на Cadillac пред повеќе од четири децении, а ја испроба и Alfa Romeo кај четирицилиндричната Alfetta. Но нејзиното имплементирање воопшто не е едноставно како што може да се помисли. Имено, не може да се исклучат само вбризгувањето и палењето бидејќи цилиндрите ќе престанат да даваат корисна работа но ќе продолжат да ја трошат во фазата на компримирање во вториот такт заради што неопходни се зафати во разводниот механизам. За да се постигне тоа наместо едноделна брегаста оска се вградува повеќеделна, со назабена летва и аксијално поместливи брегасти чаури со два различни профила на бреговите – еден што ги отвора и затвора вентилите и друг кој не ги поместува. Затоа и не може да се смета на заштеда од 50 отсто, ама може на 7 до 15 отсто бидејќи остануваат губитоците на триењето во цилиндрите. Кај автомобили со нормална големина обично заштедата е околу половина литар гориво на сто километри, а во град, каде тие и најчесто се користат, може да се заштеди и до еден литар.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *