Модерно цврст
» А може и цврсто модерен, кажете како сакате нема да погрешите – таков ќе биде новиот дизајнерски јазик на марката кој Škoda ќе го претстави со SUV-концептот од иднината наречен Vision 7S. Првите скици откриваат визија за моќен настап со впечатлив преден дел со комбинирани главни и дневни светла распоредени во облик на буквата Т, поместени скоро до крај до работ на возилото, над кои се остро дефинираните и нагласени крила. Значително пошироката и рамна маска би требало да биде целосно затворена бидејќи се работи за електричен модел. Под неа во браникот седум вертикални отвори за воздух се распоредени на начин што нема да им се допадне во Jeep. Слична шема се среќава и на задниот браник над кој владеат масивни лимени површини. Сето ова треба да ги долови вредностите на марката – робусноста, функционалноста, автентичноста…
Колку биде успешно, ќе дознаеме ден пред крајот на месецов кога Vision 7S концептот ќе биде претставен. Кој сака, може да ја следи неговата премиера во живо.