Slingshot однапред има изглед на чистокрвен двосед без кров, а одзади без никакви дилеми е мотоцикл
» Да е автомобил, не е. Уште помалку е мотоцикл. За да биде автомобил му е потребно уште едно тркало, а како за мотоцикл има едно повеќе.
Во секој случај Polaris, производителот од Минесота, добро се снаоѓа со возилата на три тркала. Продадените 25.000 трицикли – или според нивната терминологија Autocycle, – се добар показател за интересот на купувачите.
Потоа, погледнете ги и светски докажаните санки и веднаш ќе ви стане јасна ориентацијата на Polaris. Но, Slingshot е најмалку санка. Иако погонот се одвива само преку единственото задно тркало, возните карактеристики се споредливи со потентен кабрио-двосед.
На пример со една Mazda Miata. Забрзувањето od 0 до 60 милји на час (96,6 km/h) изнесува 5,5 секунди а за поминување на 402 метри се потребни 14,6 секунди, при што се постигнува излезна брзина од 155 km/h. Иако ова се податоци кои ветуваат и висока крајна брзина, сепак таа изнесува „само“ 209 km/h.
Перформансите се должат на четирицилиндричниот агрегат од 2,4 литри кој го познаваме од бројни модели на GM. Максималната силина од 173 KS (вртежен момент 225 Nm) лесно се носи со скромната тежина од 766 kg.
Според сите параметри, предната архитектура на Slingshot е автомобилска, додека задната со еднострана вилушка и моноамортизер е решение кое е омилено кај спортските мотоцикли.
Преносот на силината се одвива преку мануелна менувачка кутија преземена од Aisin која потоа преку специјален ремен го придвижува задното тркало со импозантни димензии 305/30R-20.
Тоа што е очигледно, односот на тежина по оски, оди во прилог на лесно пролизгување на задното погонско тркало, Но, кој вели дека е тоа нешто лошо? Напротив, тоа е одлична гаранција за возачки задоволства.
Кога сме кај задоволствата, меракот да се поседува еден шмекерски Autocycle од Polaris чини помеѓу 20 и 30 илјади американски банкноти. Големата разлика во цена помеѓу влезниот и најскапиот модел се оправдува со нивото на вградена опрема но и со визуелните додатоци и специјалните бои.