Tags: ,
тест Kia Sportage 1.6 T-GDi 150 KS MHEV

Атрактивен изглед и погонска група за пример

» По втор пат седнавме во новиот Kia Sportage, овој пат со бензински благ хибриден мотор со 150 коњски сили и највисоко ниво на опременост и наидовме на проблем – не е добро кога се има што да се каже, а не знаете од каде да почнете. А токму така се чувствуваме после возењето, бидејќи и првиот пат зад управувачот на неговата послаба дизел изведба, за Sportage имавме пофални зборови. Навистина, што сега да се каже, а да не се повторуваме? Дека изгледа добро? Дека купувачот има избор од кој глава боли? Дека цената му е добро одмерена? Дека внатрешноста е максимално функционална? Дека…

 

Сепак да почнеме од разликите меѓу двете возила што ги возевме. Првото беше дизел со 116 коњски сили, шестстепен мануелен менувач и First Edition опременост – прочитајте повеќе за него тука. Ова сега е бензинец со 150 коњски сили со блага хибридна поддршка, седумстепен автоматизиран менувач и Reference 3 ниво опрема. Заеднички им се атрактивниот дизајн, пространата внатрешност, погонот само на предните тркала, седумгодишната гаранција, изборот на бои и бројни други нешта. Но меѓу нив не е и карактерот на возилото – инженерите на Kia мудро ги имаат дистанцирано, дотолку што се чини како двете возила независно едно од друго да се оптимизирани. А можеби и се, кој знае?

Она што треба да се знае е дека бензинецот од 1,6 литри со своите 150 коњски сили дава силен одговор на педалата за гас – тоа беше она што прво го забележавме. Можеби малку понесени од релаксираниот дух на дизелот не очекувавме толку, посебно не затоа што е само благ 48-волтен хибрид. Сепак и тој му ја олеснува работата на моторот, за чии оптимални резултати се грижи системот вентили со променливи фази на работа овозможувајќи му на ниски вртежи моторот се однесува економично, а на високи динамично. Но, тоа не е сé. Овој мотор освен што дава чувство како да има повеќе коњски сили од декларираните, фантастично се согласува со менувачот – како да се проектирани токму еден за друг. Седумте степени, електронски контролирани, се менуваат глатко и брзо, сузбивајќи ги сите пориви на возачот рачно да командува со нив, па дури и да го менува режимот на работа од нормален во спортски. Едноставно, добро распределениот вртежен момент кој менувачот го мултиплицира точно толку колку треба и кога треба, остава само, ако посакате, да пробате како Sportage ќе работи во економичен режим. Ама и за тоа ќе нема потреба – ние на тестот, додуша со најголем број од километрите поминати на автопат, забележавме просечни 7,6 литри на 100 километри. Да возевме повеќе низ град ќе беа поголеми, ама да возевме попитомо сигурно и помали. Сепак возевме така како што сакавме и уживавме во возењето.

Од нашиот импортер Киа Моторс Македонија со задоволство ќе ве запознаат со сé што содржи ова топ ниво на опременост, така што ние ќе издвоиме само пар нешта што би сакале да ги акцентираме. Тука како прво е арсеналот електроника во функција на безбедноста – бројните камери и сензори даваат слика за возилото дури и од агли кои не се очекуваат, како што е случај на инструмент таблата кога ќе се вклучи трепкачот. Тие, засилени уште со радарот, ќе ве штитат од неочекувани и несакани ситуации при паркирање, возење напред, возење назад или пак со приколка, за што сепак ќе ја препорачаме верзијата со погон на сите тркала и посилниот 180-коњски мотор. Опремата која го зголемува комфорот во возењето или пак разубавува автомобилот ќе ја прескокнеме – тоа е прашање на лични желби. Нас на пример воопшто не ни значи колку USB конектори има и дали тркалата се од 17 или 19 инчи, но на поголем дел од вас тоа сигурно ви е битно. Истото ќе го кажеме и за бојата, но секој треба да има право на избор. А токму на тоа поле Kia е сериозна, иако некои работи нема да ви дозволи да ги бирате – ќе ви ги сервира, сакале вие или не. И тоа, во случајот со тестираното возило, за цена од 31.800 евра.

» фото-видео галерија

технички податоци Kia Sportage 1.6 T-GDi 150 KS MHEV
мотор бензински, четири цилиндри во линија, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.598 cm³
пречник и од 75,6 × 89 mm
напојување турбо компресор, директно вбризгување, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар со променливи фази на работа
максимална силина 150 KS (110 kW) @ 5.500 min⁻¹
максимален вртежен момент 250 Nm @ 1.500-4.500 min⁻¹
трансмисија автоматизиран менувач со 7 степени, погон на предните тркала
ослонување напред мекферсон, попречни рамења, стабилизатор; назад мултилинк оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ESP
тркала 215/65 R17
должина × широчина × височина 4.515 x 1.865 x 1.650 mm
меѓуоскино растојание 2.680 mm
траги на тркалата напред/назад 1.615/1.622 mm
пречник на вртење 10,9 m
тежина 1.580 kg
максимална тежина 2.085 kg
приколка со/без сопирачки 1.650/750 kg
багажник 562/1.751 dm³
резервоар 54 l
максимална брзина 189 km/h
забрзување од 0-100 km/h 9,5 секунди
еколошки норми Euro 6d
комбинирана потрошувачка (WLTP) 6,6 l/100km
емисија на CO₂ 150 g/km
цена (на тестираното возило) 31.800 евра со Reference 3 ниво на опременост

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *