Tags: ,
Citroen C3 Aircross тест

Градски бунтовник

» Атрактивниот урбан кросовер на Citroen се претставува во обновено издание кое донесува редизајнирана надворешност, повеќе комфор и некои нови технолошки решенија. Запознавањето со новиот C3 Aircross започнува со предниот дел кој доживеа најмногу промени и со своите помоќни линии му донесе посилен карактер и поизразен младешки статус. Карактеристичната маска со разигран изглед ја разбива дизајнерската неутралност и сега за овој SUV од Б-сегментот слободно може да се каже дека е бунтовен во изгледот. Дводелното сегментирање и заштитните облоги се задржани, главните светла се малку поаглести а додадените пластични „заби“ ја нагласуваат острината на тинејџерската нескротливост. И веднаш ќе кажеме – сите оние (меѓу кои донекаде спаѓам и јас лично) кои имаат забелешки на изгледот да запрат оти на тој начин само покажуваат дека веќе остареле во душата. Останатите промени на каросеријата не се толку истакнати и таа е повеќе или помалку позната, со нагласени детали и неколку варијанти на графиките на задните бочни стакла кои му даваат оригиналност во изгледот и покрај големиот страничен волумен.

На располагање се и четири различни стила на уредување на модерно конципираната внатрешност, во која покрај кожните елементи и контрастните шевови идните сопственици најмногу ќе ги радуваат Advanced Comfort седиштата со три дизајни и новиот екран на инфозабавниот систем, сега со дијагонала од повеќе од доволни 9 инчи, кој за жал не доаѓа со сите пакети. Веселат и деталите кои создаваат впечаток на луксуз како што се хромираните инсерти на вентилацијата, како и поголемите конективни можности за поврзување со мобилен телефон. Меѓу седиштата се наоѓа нова попрактична централна конзола, а флексибилноста и понатаму е задржана со лизгачката задна клупа која со поместувањето за 15 сантиметри овозможува багажникот да варира од 410 до 520 литри, кои пак со нејзино преклопување се зголемуваат на 1.289 литри. Плус на тоа, со преклопувањето и на совозачкото седиште се добива можност за превоз на предмети со должина од 2,4 метри.

Моторната мотора ја сочинуваат PureTech бензинецот со 110 коњски сили и мануелен менувач со шест степени на пренос и 130-коњскиот со исто шестстепена автоматика. Слично се поделени и BlueHDi дизелите – 110-коњскиот доаѓа со мануелен, а 120-коњскиот со автоматски менувач. Во поглед на тоа нема многу дилеми што најмногу ќе ги привлече нашите купувачи на C3 Aircross, за кои сигурни сме попрво би се определиле да доплатат за некоја од дури 70-те комбинации на персонализација на екстериерот сочинети од седум бои на каросеријата, две на покривот и четири колор-пакети за дефинирање на деталите отколку за помоќна погонска група.

Имавме прилика да го испробаме моделот со основниот мотор но со највисокото ниво на опременост. Веќе првата средба со него остава недвојбен впечаток дека станува збор за стилски поизразен автомобил. Нема потреба да кажеме дека компактните надворешни димензии се задржани, а со тоа и добрата подвижност на хаотичните градски паркинзи. Во возењето, во позитивна смисла кажано, отсуствува впечатокот на доминантната положба на седење како кај поголемите SUV модели, оставајќи C3 Aircross ненагласено да се доживува како автомобил за безгрижни патувања. За тоа потсвесно придонесуваат и бројните асистенции на возачот со кои доаѓа, помеко калибрирани отколку што искусен возач би посакал. Погон на сите тркала нема, но затоа големото растојание од подлогата и заштитите на подвозјето охрабруваат за кратки излети надвор од асфалтот, за кои од помош ќе бидат и опционалните Grip Control и Hill Descent Assist функции.

Малиот трицилиндричен мотор од 1,2 литри со 110 коњски сили и 205 њутн метри со старт-стоп систем лесно се врти во сите режими, давајќи му ја потребната доза урбана агилност, нагласена со пригушениот звук што го дава. Излегувањето на отворен пат ќе го дочека весело, задржувајќи го впечатокот сé до петтиот степен на пренос. Комбинирајќи со максималната ефикасност во поглед и на перформансите и на економичноста, инженерите на Citroen премногу долго го пресметале шестиот степен со што тој практично и не треба, но со него C3 Aircross долгите релации ги совладува смирено, заштитувајќи ги ушите од прегласна бучава и џебот од уште некој денар потрошен за гориво. Седиштата иако според нашиот вкус за некој сантиметар помали, ниту во еден момент нема да го натераат вашето тело да побара пауза. За тоа придонесува и ослонувањето, кое е подесено токму по мерка на нашите патишта – доволно меко да не се чувствуваат вибрациите од нерамниот асфалт, а доволно тврдо за возилото да ја задржи послушноста кога возачот е непослушен.

Како заклучок ќе кажеме дека Citroen не падна под искушенијата предвреме и премногу да го созрее C3 Aircross и со тоа да го направи помалку привлечен. Кај него и понатаму во центарот на вниманието остануваат разиграниот надворешен изглед и изразениот карактер, сега дополнително истакнат со помодерен стил. Истовремено, покрај атрактивната цена која стартува од 16.190 евра, се задржани сите карактеристики кои на патниците им обезбедуваат опуштено и удобно возење и сестраност во поглед на прилагодливоста и употребата. Покрај солидната бројка освоени купувачи силен показател за неговата успешност е и тоа што поголем дел од нив бираат поопремени верзии и доплаќаат за нешто од многуте можности за персонализација. Тоа е најдобар доказ за моќта на привлечноста што овој градски бунтовник ја има, посебно за оние кои, без разлика на годините што ги имаат, се во потрага по активен живот.

технички податоци Citroеn C3 AirCross PureTech 110
мотор бензински, три цилиндри во линија, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.199 cm³
пречник и од 75 × 90,5 mm
напојување турбо компресор, директно вбризгување, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар
максимална силина 110 KS (81 kW) @ 5.500 min⁻¹
максимален вртежен момент 205 Nm @ 1.500 min⁻¹
трансмисија мануелен менувач со 6 степени, погон на предните тркала
ослонување напред мекферсон, попречни рамења, стабилизатор; назад полукрута оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ESP
тркала 205/60 R16
должина × широчина × височина 4.154 x 1.756 x 1.637 mm
меѓуоскино растојание 2.604 mm
траги на тркалата напред/назад 1.513/1.491 mm
пречник на вртење 10,8 m
тежина 1.179 kg
максимална тежина 1.795 kg
приколка со/без сопирачки 840/600 kg
багажник 410-520/1.289 dm³
резервоар 45 l
максимална брзина 183 km/h
забрзување од 0-100 km/h 10,2 секунди
еколошки норми Euro 6.2
комбинирана потрошувачка (WLTP) 5,8-6,0 l/100km
емисија на CO₂ 131-137 g/km
цена 16.190 евра со Feel ниво на опременост, +1.000 евра за Feel Pack, +2.000 за Shine

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *