Tags:
Систем за контрола на притисокот во пневматиците

Од голема помош

» Одржувањето на соодветниот притисок во пневматиците е важно заради безбедноста во возењето и помалата потрошувачка на гориво. Се препорачува негова контрола на една или две недели, но, искрено, никој од нас не го прави тоа. Затоа од голема помош на возачите им е системот за контрола на притисокот во пневматиците. Согласно европските прописи скоро цела деценија сите нови возила кои се продаваат во земјите членки на ЕУ мора фабрички да бидат опремени со ваков систем, кој го има два вида – посреден и непосреден.

Посредниот систем за контрола на притисокот во пневматиците всушност е само една од функциите на системите за контрола на стабилноста и за блокирање на тркалата при кочење. Не бара сервисирање бидејќи не употребува дополнителни сензори и не мери ништо, туку работи користејќи ги импулсите добиени од ESP и ABS системите. Врз основа на нив го пресметува вртењето на тркалото – ако тоа има понизок притисок на воздухот се врти побрзо, односно ист пат поминува со повеќе вртења. Споредувајќи ги пресметаните вредности со референтните, кога ќе утврди разлика овој систем за контрола на притисокот во пневматиците му јавува а возачот за неправилноста палејќи контролна сијаличка. Предности му се што е доста евтин и лесен за имплементација, а недостатоци затоа што не врши никакви мерења, степенот на грешки е прилично висок, а работата му е забавена. Ако на контролната табла се запали контролната сијаличката, прво треба да се провери притисокот во пневматиците. Ако тој е во ред треба системот треба да се ресетира. Ако некој пневматик има помал притисок треба да се допумпа, па потоа системот да се ресетира. Ако не се стори тоа, без разлика што притисокот е добар, контролната сијаличка ќе продолжи да свети.

Непосредниот систем чие функционирање е доста посложено, доста прецизно го мери притисокот на воздухот во пневматиците. Уредите за следење на притисокот обично се вградени на самите пневматици, на вентилите кои се опремени со сензор за притисокот, радио емитер и сопствена батерија. Измерените податоци со помош на радио сигнали се испраќаат до уредот од системот кој ги прикажува на екран. Синхронизацијата на сензорите со него е доста прецизна, заради што не се препорачува слободно менување на тркалата, а кај секоја замена на некој пневматик системот треба да се ресетира и да се вчитаат новите референтни податоци. Затоа пневматиците на воизлата опремени со овие системи, посебно ако тие се фабрички вградени, треба да се менуваат само во специјализирани сервиси кои ја имаат потребната опрема и обучени луѓе за тоа. Неправилното нивно одржување освен што ќе доведе до нефункционалност на системот може да предизвика и дополнителни трошоци.

Не треба да потсетуваме дека со исправно напумпани пневматици управливоста е подобрена, возилото е постабилно а патот на кочење пократок, со што се зголемува безбедноста. Освен тоа пневматиците траат подолго и потрошувачката на гориво е помала.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *