Почеток на нова ера за Renault
» Лука де Мео продолжи да га гради приказната за иднината на Renault дополнувајќи ја со две стратешки одлуки – повеќе нема да се развиваат нови дизел мотори и максималната брзина на возила ќе биде ограничена на 180 km/h. Тој ова го најави на неодамнешното собрание на акционерите на француската група наведувајќи дека безбедноста и екологијата ќе бидат приоритет. Првиот модел со електронски уред со кој се лимитира максималната брзина и кој нема да може да се деактивира ќе биде сериската изведба на концептот Megane eVision најавен за идната 2022 година. Овој уред автоматски ќе ја контролира брзината и според ограничувањата и условите на возење, земајќи ги предвид профилот на патот, временските прилики и друго. Мео истакна дека брзината е причина за третина од сите сообраќајни несреќи со фатални последици.
Ако ограничувањето на максималната брзина беше изненадување, прекинувањето на развојот и инвестирањето во нови дизел мотори не е бидејќи Renault одамна е определен иднината да ја направи електрична. Постоечките агрегати ќе бидат унапредувани до максимално можно ниво, по што ќе бидат исфрлени. Засега е рано да се знае дали тие ќе можат да ги задоволат сé уште докрај недефинираните Еуро 7 норми, но со оглед дека хибридите полека но сигурно им го земаат пазарното учество на дизелите, можно е Renault и воопшто да не се обиде да ги прилагоди на престрогите идни стандарди. Тоа значи дека дизелите може ќе ги снема од понудата на француската марка до 2025 година.