Пионерски исчекор на Dodge
» Првите автомобили, како и кочиите, беа направени од дрво со мала употреба на метал. Тоа започна да се менува на почетокот на 20-тиот век со развојот на технологиите за обработка на металите што овозможи да се произведува лим од челик или алуминиум кој лесно можеше да се обликува според потребите. Првите обиди за изработка на автомобили со целосно метална каросерија ги имаа Hupp во САД и BSA во Велика Британија во 1912 година, но вистинскиот исчекор го направи Dodge со својот прв автомобил, моделот 30-35 од ноември 1914-тата. Требаше да поминат уште две децении металните каросерии на автомобилите да станат стандард.
Dodge 30-35 во многу што беше автомобил со напредна концепција. Се задвижуваше со реден четирицилиндричен мотор со работна зафатнина од 3.477 cm³, со странични стоечки вентили и L-глава, а имаше и 12-волтна инсталација. При 2.000 вртежи во минута развиваше 35 KS кои преку тристепениот менувач го дотеруваа до 90 km/h. Интересно е што и покрај металната каросерија, краците на тркалата беа од дрво. Се рекламираше за третина поскап и двојно подобар од Ford Model T чии каросерии дотогаш ги произведуваа токму браќата Доџ. До јули 1916-тата кога беше заменет со моделот 30 беа направени 116.400 примероци со што Dodge стана втора најпродавана американска марка.