Tags: , ,
Mercedes C-класа W203 (2000-2007) – видео

Разумен и посакуван избор

» Иако овој модел не е меѓу најквалитетните од богатата историја на Mercedes, тој беше разумен и посакуван избор за повеќе од два милиона купувачи. Втората W203 генерација на C-класата (или трета ако го броиме и претходникот 190) беше претставена во 2000-тата. Развојот траеше четири години и беа вложени 2,7 милијарди марки. Имаше спортски дизајн и должина од 4.526, широчина од 1.728 и височина од 1.426 mm, а меѓуоскиното растојание ѝ беше развлечено на 2.715 mm. Освен како лимузина се произведуваше и како караван и спортско купе всушност хечбек со скратен заден дел.

Основниот модел C 180 имаше атмосферски бензинец со 129 KS, а над него беше C 200 Kompressor со 163 KS. Треба да се нагласи дека предноста на механичкиот во споредба со турбо компресорот е што е поиздржлив бидејќи работи без метален контакт меѓу роторите и без топлинско оптоварување, но е потежок, помасивен, помалку ефикасен и поскап. Кому овие причини му пречеа можеше да избере некој од шестцилиндрични модели – C 240 со 170 или C 320 со 218 KS. На врвот беше C 32 AMG со 354 KS, а од дизелите на располагање беа четирицилиндричните C 200 CDi со 116 и C 220 CDi со 143 KS и петцилиндричниот C 270 CDi со 170 KS. Секако, со текот на времето понудата се обновуваше со нови модели меѓу кои како најинтересни се издвојуваат C 350 со 272 KS, C 320 CDi со V6 мотор и 224 KS, врвниот C 55 AMG со V8 мотор со 367 KS и петцилиндричниот C 30 CDi AMG со 231 KS.

Оваа серија заедно со Е-класата W211 со својот послаб квалитет малку го наруши имиџот на славната марка од Штутгарт која во тоа време вложуваше вреќи пари во санација на Chrysler. Тоа најмногу се огледуваше на лимаријата и антикорозивната заштита, на што, посебно во пораните години производство, очигледно се штедеше. Сепак важи за солиден автомобил.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *