Tags: , ,
Nissan Micra – успешна јапонска приказна

Јапонец со италијанско потекло

» За наследник на популарниот 127 при крајот на седумдесеттите години во Fiat подготвија сопствен концепт, но подоцна се одлучија да го земат оној на Italdesign студиото на Џуџаро. Точно во тоа време Alfa Romeo кој пропаѓаше основа заедничка компанија со Nissan која го произведуваше моделот Arna на механичка основа на Alfasud со каросерија од Cherry. Fiat пак беше заинтересиран за купување на Alfa Romeo и го отстапи својот концепт на Nissan кој Јапонците го лансираа во октомври 1982-рата, три месеци пред Uno.

Изборот на Италијанците се покажа исправен бидејќи Uno стана автомобил на 1984 година во Европа и се произведуваше цели 31 година, но и Јапонците имаа солиден автомобил. Micra или March како што во Јапонија се викаше имаше добра механичка основа, моќни мотори и пристојни габарити – должина од 3,78 (Uno беше долг 3,65 а Golf I кој сé уште беше актуелен модел, 3,71 метри) и широчина од 1,56 метри. На пазарот издржа полни десет години, а втората генерација од 1992 година направи огромен исчекор. Пократка но поширока имаше поевропски стил и мотор со две брегасти оски и вбризгување на горивото во повеќе точки. Ги воодушеви новинарите и стана првиот јапонски модел што ја освоил титулата автомобил на годината во Европа. За Стариот континент се произведуваше во Велика Британија и исто како и претходникот остана на пазарот цела деценија.

Во 2002-рата следеше јајцевидната трета генерација која освен со својот необичен дизајн беше интересна и со воведувањето на 1,5 литарскиот dCi дизел од Renault. Предизвикуваше и C+C отворената верзија со тврд преклоплив покрив. Четвртата генерација која се појави во 2010-тата се потврди со уверливите перформанси, економичноста и големата издржливост но безличниот дизајн, барем во Европа каде доаѓаше од погоните на алијансата во Индија, го ограничи успехот. Не само заради тоа за моделот од петтата генерација од 2016-тата со право се вели дека е нешто посебно. Порасна за половина класа растегајќи се на четири метри должина и 1,74 широчина. Комфорот го нагласува и меѓуоскиното растојание од убави 2,53 метри, а сето тоа го заокружува багажникот од 300 литри. Се произведува во погоните на Renault во Франција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *