Tags:
Подобрите пневматици напред!

Решение на дилемата

» Најдобро е сите четири пневматици да се исти, но ако  заради финансиски причини се купува само еден пар, треба да се монтираат напред. Ова посебно важи за автомобилите со преден погон кои сочинуваат повеќе од 90 отсто од возилата. Предните тркала се значително поважни за кочењето од задните. Во зависност од распоредот на статичкото оптоварување и интензитетот на кочењето, предните тркала преземаат на себе 60 до 95 отсто од силата на кочење и го скратуваат патот на запирање. При остри свртувања најпрво доаѓа до бочно пролизгување на предните тркала, додека задните доцнат неколку стоти делови  од секундата. Добрите предни пневматици го намалуваат ризикот од аквапланинг на мокар коловоз бидејќи го совладуваат ударниот воден бран. Подлабокиот профил поквалитетно ја исфрлува водата од под пневматикот и го задржува контактот со подлогата. На задните пневматици им е полесно бидејќи наидуваат на траекторија веќе исчистена од вода. Монтирањето на подобрите пневматици напред го подобруваат одговорот на управувачот и битно ја подобрува управливоста при влегување во свиоци. Предните пневматици и статички и динамички (при кочење и возење во свиоци) трпат значително поголеми оптоварувања од задните. Изложени се на покомплексни напрегања бидејќи покрај деформациите во сите три оски присутно е и силно виткање на пневматиците. Заради тоа ризикот од пукање на предните пневматици е значително поголем отколку на задните.

Од друга страна пак, задните пневматици се поважни за стабилноста и намалувањето на ризикот од превртување при нагли свртувања бидејќи со нивното пролизгување се намалува радиусот на свртување и зголемува центрифугалната сила која пак предизвикува дополнително и прогресивно пролизгување на задниот дел. Заради тоа автомобилот со полоши пневматици назад, посебно ако има погон на задните тркала, полесно може да направи пируета која може да заврши и со превртување. Автомобилот со подобри пневматици напред полесно влегува во свиоци но од нив потешко излегува заради пролизгувањето на задните тркала.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *