Прочитајте и запаметете
» Основно правило е дека на секој необичен звук од моторот веднаш треба да се отиде во сервис, без исклучок и одложување. Доколку се слушаат метални звуци, ѕвецкање или тропање, причината може да биде почетната истрошеност или евентуална неправилност на ланчаниот пренос односно хидрауличките подигнувачи на вентилите или нивни неправилен зјај кои предизвикуваат удари на ланчаниците или брегастата оска кои пак малата истрошеност ја претвораат во скапа хаварија. Имено, според основното правило на механиката, најважно за отпорноста на трошење е од двата дела кои се во контакт еден од нив да има помала тврдост и тој се троши примарно, а другиот секундарно. Во контактот на ланецот и ланчаниците доминантно се троши ланецот, но во контактот на ланецот и затегнувачот кој најчесто се прави од тефлон и има пружински механизам, се троши неговата лизгачка површина. Причината за тоа најчесто е предолгиот интервал на замена на маслото, неквалитетното моторно масло или возењето со негово ниво под минимум, но понекогаш и во лошите материјали подложни на трошење и деформации, посебно ако се вградени поевтини заменски делови. Значи, уште на првите појавувања на чудните звуци треба без одложување да се отвори моторот и утврди причината за нив.
Иако е правило да се менува сé (ланецот, ланчаниците, затегнувачот, водилките и заптивката), најскапите делови, ланчаниците на брегастата оска и коленестото вратило, ако проблемот се решава на самиот почеток можеби и се добри, така што често е доволно да се заменат само ланецот, затегнувачот и водилките. Ако пак се работи за зјајот на вентилите кај механички подесливите подигнувачи, одложувањето на поправката предизвикува зголемување на динамичкото оптоварување на нив и на брегастата оска, а може да предизвика и прегорување на вентилите. Зјајот кај оваа чисто механичка изведба на вентилите (околу 0,20 mm) е потребен да се компензира нивното топлинско издолжување бидејќи тие, посебно издувните, повеќе се загреваат од главата на моторот – кога не би го имало би дошло до засилено трошење односно искривување на стеблото на вентилите и брегастата оска. Зјајот на вентилите треба да се подеси после 20.000 или 30.000 km, на ладен мотор. Тоа може да се направи неколку пати, а кога ќе се потрошат сите механички резерви потребна е репарација со замена на седиштата и доработка или замена на вентилите, но само на оние кои се проблематични, не на сите.
Некои возила имаат хидраулички подигнувачи сместени меѓу контактниот профил на брегастата оска и стеблото на вентилот кои делуваат со хидродинамички ефект овозможувајќи разводниот механизам да работи без зјај со што се намалуваат трошењето и бучавата. Тие имаат две комори раздвоени со топчест вентил со пружина. Горната комора е под притисок на маслото од моторот со што се обезбедува постојан контакт на чашката на вентилот и профилот на брегастата оска. Кога со нејзиното вртење ќе наиде брегот тој ја притиска чашката која со притисокот на маслото ќе го турне внатрешниот дел на подигнувачот споен со стеблото на вентилот со што тој се отвора. Ако силата нагло порасне пропорционално се зголемува и притисокот на маслото во подигнувачот и тоа делувајќи на топчесто ја совладува силата на пружината која го држи, отворајќи го вентилот меѓу горната и долната комора со што се приближуваат горните и долните делови на подигнувачот намалувајќи ја неговата висина. Со тоа се спречува преоптоварувањето, односно оштетувањето на разводниот механизам. Освен што нема зјај а со тоа и негово подесување, предност на изведбата со хидроподигнувачи е што се намалува динамичкото оптоварување на разводниот механизам кое сепак и не е така големо. Но недостаток е што тој е покомплициран и почувствителен, со што се намалува неговата издржливост, посебно ако маслото не се менува редовно, односно ако се вози со ниско ниво на масло. Кога хидроподигнувачите ќе откажат можат да дојде до оштетување на брегастата оска и вентилите.