Мали совети, голема корист
» Кога ќе сакате да го продадете својот автомобил, прва и најважна работа е да одлучите кој начин на продажба најмногу ви одговара. Ако се решите да го продадете на трговец со половни возила, сметајте дека финансиски нема добро да поминете. Но, тоа има и свои предности – нема да се заморувате барајќи купувачи и со можните неугодности со нив, а ќе имате и помалку работа со документацијата. Уште една предност е што се ослободувате од одговорност за било какви скриени недостатоци кои би можеле да излезат на виделина кај новиот сопственик. Ако се одлучите на тоа, кога ќе разговарате со трговецот бидете јасни и прецизни, но пред сé искрени. Запаметете дека тој колку ќе го проценува автомобилот ќе ве проценува и вас каков човек сте и ако се посомнева дека нешто му криете или го лажете, ништо од бизнисот.
Ако пак сами го продавате автомобилот, во комуникацијата со купувачот задржете одредена дистанца, но немојте да се однесувате ладно. Имајте нормална комуникација, создадете атмосфера која ќе ви биде угодна и на вас и на купувачот кој дошол да го погледне возилото. Не му продавајте маркетиншки финти ставајќи цена на пример 3.999 евра и не ставајте во огласот, посебно не во насловот некакви сензационалистички зборови за да привлечете внимание оти впечатокот што ќе го оставите кај потенцијалниот купувач може да биде неповолен за вас.
Проверете ги правописот и граматиката. Може да ви се чини банално, но никој не сака да купи автомобил од неписмен човек. А токму таква слика може да се стекне од оглас напишан со печатни грешки и уличен жаргон. Внимавајте на истото и кога разговарате на телефон – никој нема да ви замери ако зборувате на некој дијалект, ама ако се изразувате со вулгарни зборови, сигурно. Дефинитивно ќе се стекне впечаток дека ако човекот е груб, недоделкан, тогаш и автомобилот е таков. Речениците во огласот не мора да бидат 100% литературно совршени, но ако се погрешно напишани создаваат недоверба.
Пред да го дадете огласот утврдете ја вистинската состојба на вашиот автомобил – отидете до сервис и прегледајте го и ако треба отстранете ги недостатоците. Ваквите контроли не се скапи, а ви даваат ветер во грб при продажбата бидејќи пред сé можете да бидете поуверливи во тврдењата дека навистина продавате автомобил во добра состојба. Опишувајќи го, во огласот едноставно и кратко наведете ја состојбата на автомобилот не криејќи ништо. Можеби заради некој наведен недостаток ќе ви се јават помалку луѓе, ама тие што ќе ви се јават сигурно ќе бидат посериозни купувачи.
Во разговорот со купувачот неминовно ќе дојде до моментот кога се споменува цената. Таа што сте ја напишале во огласот секогаш се сфаќа само како ориентациона – по правило се очекува да биде малку спуштена. Затоа ако сте решени во огласот да ја наведете крајната цена, напишете го тоа јасно. Ако пак сте подготвени да попуштите, утврдете ја сумата под која нема да одите и кажете ја кога ќе ве прашаат. Не е добро да оставате уште малку простор за ценкање, па два пати да ја намалувате цената – на тој начин покажувате дека автомобилот сте го прецениле. Затоа, споредете го својот автомобил со сличните кои се појавуваат по огласите и задржете ја цената во реален распон.
Чистотата е половина здравје. Кога некој ќе дојде да го погледне вашиот автомобил за неколку секунди, со првиот поглед, создава слика за него. Понекогаш и за толку време се донесува одлуката дали да се купи или не. Затоа веднаш откако ќе го дадете огласот однесете го автомобил на темелно чистење однадвор и одвнатре, по можност и потреба хемиски. Не заборавајте ги и тркалата, а ако немате раткапни, ставете некои кои изгледаат ненападно, но се цели, неискршени или со длабоки гребаници. Понатаму не мора секогаш да го одржувате автомобилот перфектно чист – малку прашинка на него ќе сугерира дека према него сте се однесувале со нормална грижа. Ако пак е претерано чист може да доведе со сомнеж дека нешто сакате да прикриете.
За огласот, сликајте го автомобилот од сите агли, но не на лошо време или на нечиста површина. Немојте да објавувате слики од автомобилот на паркинг меѓу други автомобили, ниту пак фотографии што сте ги направиле со себе или со некој од вашето семејство. Држете се до едноставноста – одвезете го автомобилот на пригодна чистинка и сликајте го од нормални агли, од напред, од назад, од страна, полупрофил… Идеално би било да го спуштите малку фотоапаратот или телефонот, на висина на предните светла. Посветете доволно време и за внатрешноста – нејзиниот изглед и дотраеност еднакво ги интересира купувачите како и надворешноста. Пред да завршите и да си отидете, проверете дали сликите добро ви испаднале. Дополнителното сликање остава впечаток на немарност, исто како и бледите, темните или матните слики.
Санирајте ги помалите дефекти и недостатоци. Ако на инструмент таблата свети некоја контролна сијаличка или пак некое светло ви е прегорено, решете го тоа. Пневматиците не мора да ги менувате освен ако не се сосема излижани, но додадете моторно масло, антифриз, течност за чистење на стаклата и гориво – не покажувајте го автомобилот ако е на резерва. Доколку постојат некои недостатоци кои не сакате да ги поправате пред продажбата, кажете му го тоа на купувачот. Но треба точно да знаете колку чинат деловите и работната рака за да бидете подготвени да одговорите ако тоа биде аргумент на купувачот за спуштање на цената.
Извадете ги стварите од возилото! По навика, ние во нашите автомобили носиме сé и нешто, најмногу работи што не ни требаат. Не дозволувајте сликата од возило во чија внатрешност или багажник се среќаваат секакви глупости да биде слика за вашиот карактер. За време на пробното возење кое обично е финална фаза во која се потврдува одлуката да се купи возилото, доста е важно заинтересираниот купувач да се чувствува природно во него, а не како во туѓо возило. Пред да го покажувате возилото извадете ги и привезоците од клучевите и разните мириси од внатрешноста. Исто тако, барем во тој период, наместете радио станица која ќе биде угодна за двете страни, но не претерувајте со гласноќата. Истото важи и за интензитетот на греење и ладење.
Немојте да зборувате завиткано – бидете без тајни, одговарајте природно и искрено. Ова посебно важи за сервисната историја и претходните дефекти и поправки. Добро би било тоа да можете да го потврдите со сервисна книшка и/или сметките од сервисирањата и поправките, но не бидете нападни да ги покажувате уште на самиот почеток – тоа ќе го сторите ако тоа го побараат од вас, а при продажбата секако ќе му ги предадете на новиот сопственик. Кога го пишувате огласот наведете ги сите важни параметри – километражата, дали сте прв сопственик или не, од каде е купено возилото, дали е регистрирано и до кога… Ако купувачот од вас го побара бројот на шасијата, дадете му го, за да може да го провери на начин на кој тој смета дека е потребно. Исто така наведете во огласот или пак уште на самиот почеток на разговорот дали сте подготвени место кеш да прифатете друг начин на плаќање – замена за друго возило или нешто слично.
За крај, уште пред да се решите да го продавате вашиот автомобил размислете кога ќе биде вистинско време за тоа. Не давајте оглас во зима кога снегот ги има потрупано улиците, ниту среде лето кога сонцето силно пече. Ниту пак за време на празници, пред финале на светско првенство во некој спорт или во моментални кризни ситуации. Почекајте некој ден за тоа. Во однос на периодот на годината постојат некои препораки. Ако продавате теренец добар момент за тоа е есен или зима. Кабриолет пак, на пролет и на почетокот на летото. Караван пред годишните одмори, а комби возило наесен. Но најважно е дека ако продавате квалитетно зачуван автомобил, тој ќе се продаде било кога, најчесто за кратко време, ако цената не му е претерано набиена.