Иновација што бавно се пробиваше
» Денес практично не можеме и не сакаме ни да замислиме живот без клима уред во автомобилите, ној овој изум доста бавно се пробиваше во нив. До ’90-тите години автомобилите со клима уред во Европа беа исклучително ретки, за разлика од САД од каде и всушност потекнува оваа иновација. Таму уште пред втората светска војна започнаа да се нудат разни уреди за разладување на кабината на автомобилите. Nash Ambassador од 1938 година беше првиот кој имаше такво нешто што е логично бидејќи компанијата беше дел од корпорација која произведуваше апарати за домаќинствата, меѓу кои и ладилници. Но тоа во основа не беше клима уред, така што историјата како прв таков автомобил го признава Packard 180 кој се појави една година подоцна. Неговиот систем беше рудиментален – за да се активира клима уредот моторот мораше да биде изгаснат и возачот рачно да го намести каишот што го задвижува компресорот на клима уредот. До почетокот на војната беа продадени околу 2.000 вака опремени автомобили.
Помасовното вградување на клима уреди во автомобилите започне во 1950-тите години. Chrysler Imperial од 1953-тата беше прв што имаше клима уред како опција, а Cadillac Eldorado од 1957-мата како дел од сериската опрема. Cadillac исто така прв понуди и автоматски клима уред во моделот DeVille од 1964-тата.