Претставен Citroen CX (5*видео)
» Citroen CX, иако помалку револуционерен од својот претходник DS, и денес важи за еден од најпрестижните модели на марката. Често е нарекуван „последниот вистински Citroen“ бидејќи во 1976 година францускиот производител премина под капата на Peugeot. Беше опремен со сите најнови технички и дизајнерски достигнувања – попречно вграден мотор, целосно независно и самонивелирачко хидропневматско ослонување, двокружни серво сопирачки, еден бришач за ветробранското стакло, конкавно задно стакло, футуристичка табла со инструменти и друго. Заради сето тоа европското жири му ја додели титулата „Автомобил на 1975 година“.
Иницијално беше развиен да има ротационен мотор заради што и предниот дел му е доста низок. Но Citroen од тоа се откажа во последен момент, оставајќи го CX со лимитиран простор во кој не можеа да се вградат доволно големи и силни мотор за таа каросерија. Од истата причина дури 70 отсто од тежината на возилото отпаѓаше на предната оска, што го правеше тешко управливо. При лансирањето основниот мотор имаше 102 KS, а дури во 1985 година CX доби агрегат кој целосно можеше да го искористи потенцијалот на шасијата – 2,5 литарски турбо со 166 KS. Дизелите беа уште послаби – од 66 до 96, а подоцна и од 121 KS.
Токму развојот на пропаднатиот ванкел мотор, заедно со другите инвестиции за производството на CX, се наведуваат како главни причини за банкротот на Citroen. За тоа придонесе и неможноста CX да се извезува во САД иако беше конструиран со таа намера – причината беше што американските власти во 1974 година забранија да се продаваат возила со ослонување чија височина може да се подесува, под образложение дека од безбедносни причини растојанието на браникот на возилото од подлогата мора да биде константно, која траеше сé до 1981 година.
После преземањето од страна на Peugeot, Citroen се обиде на два пати да развие наследник на CX – во 1980 и 1986 година, но и двата пати новите сопственици ги отфрлија проектите и ги отпуштија од работа дизајнерите. Вкупно до 1991 година беа произведени 1.170.645 примероци.