Tags: , ,
Fiat Panda сé уште жари и пали (3*видеа)

Формулата на Fiat за вечна младост

» Fiat Panda го доби името по римската божица и заштитничка на патниците и како и секое друго божество, живее во вечна младост. А формулата на Италијанците за тоа не е тајна – главна нејзина состојка е едноставноста која предизвикува искрени емоции. Затоа и првата генерација на Panda карактеристична по својот коцкаст облик која се појави во 1980-та опстана на пазарот цели 23 години за кои беше продадена во 4,5 милиони примероци. Дизајнирана во студиото на Italdesign имаше должина од само 3,38 метри, но беше изненадувачки пространа за четири лица и имаше прилично голем багажник од 272 литри.

Основниот модел се задвижуваше со воздушно ладен двоцилиндричен мотор од 652 cm³ и 30 KS, по потекло од 126. Можеше да забрза до 100 километри на час за 31 секунда и да постигне 115 km/h. Малку поубедлива беше со четирицилиндричниот мотор од 903 cm³ и 45 KS, нам познат од Yugo – со него до стотка забрзуваше за 17,5 секунди и можеше да потегне до за својата големина респектабилни 140 km/h. Седиштата беа тенки но комотни, а ентериерот аскетски. Посебно внимание стекнувајќи култен статус предизвика 4×4 верзијата чиј погон на сите четири тркала го потпиша австрискиот Steyr-Puch.

Втората генерација која стигна 2003-та требаше да се вика Gingo, но Renault се побуни заради преголемата сличност на името со Twingo. Така Panda остана Panda а производството се пресели во Полска. Ја освои титулата автомобил на годината во Европа и беше дури и поуспешна од претходникот бидејќи за девет години беа произведени скоро 2,2 милиони примероци. Дизајнерски малку наликуваше на втората генерација на Multipla, а значајно беше и тоа што имаше серија безбедносна опрема – ABS, EBD, воздушни перници… Моторите сега беа од Fire серијата во дијапазон од 1,1 до 1,4 литри и силина меѓу 55 и 100 KS. Се вградуваше и турбодизелскиот 1.3 JTD мотор, кој беше на располагање и во нејзината 4×4 верзија.

Третата генерација на Panda која и ден-денес е актуелна пристигна во 2011 година. Поставена е на платформата од Fiat 500, а производството се врати во Италија. Се врати и двоцилиндричниот мотор, но во ново современо издание, со и без турбо компресор. Останаа и четирицилиндричните и дизел агрегатите, кои пред некоја година беа заменети со трицилиндричен благ хибрид. Ентериерот остана во духот на претходниот модел, а дел од содржината доби од Fiat 500.

Сега се подготвува четвртата генерација на Panda која ќе биде електрична, но третата ќе продолжи да живее паралелно со неа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *