Како Mercedes пред 50 години ја замисли безбедноста на автомобилите
» На денешен ден пред точно половина век Mercedes го претстави експерименталниот ESF 05 со кој се истражуваа идни безбедносни системи во автомобилите. Беше направен на основа на W114 и имаше имплементирано многу напредни решенија: еластичен преден браник, засилувања на и во патничкиот кафез, подницата и вратите кои беа исполнети со полиуретанска пена, проектирани зони на гмечење на предниот и задниот дел, пневматско подесување на висината на светлосниот сноп, бришачи на светлата, релјефно обликувани задни светла за да не се валкаат со нечистотија, бришач на задното стакло, подобро забележлива боја со флуоресцентни ленти, елементи од пенаста гума на браниците, хаубата и предните столбови за заштита на пешаците, поцврст резервоар за гориво обложен со самозаптивачки материјал и поставен над задното ослонување подалеку од издувниот систем, сигурносни појаси на три точки од кои предни самоподесливи со ограничувач на силата на затегнување, воздушни перничиња за возачот и совозачот, странични воздушни перничиња назад сместени во наслоните на предните седишта, електрично задвижувани стакла напред и назад без рачки кои во случај на страничен судар може да ги повредат патниците, повеќеслојни засилени ветробранско и задно стакло, ножни команди со заоблени носачи, ABS…
Со тоа започна револуцијата во безбедноста на автомобилите која сé уште трае.