Tags: , ,
Mercedes E 50 AMG W210 (1995)

Волк во овча кожа

» Mercedes E-класа од W210 серијата стана култен автомобил главно заради својот изглед, но зад очите со невин поглед знаеше да се кријат и моќни ѕверки. Ова е приказната за една од нив.

Лансирана во 1995 година со пет бензински и три дизел мотора  со силина меѓу 95 и 279 KS, оваа генерација на Е-класата набргу доби и AMG верзија моќна 347 KS. Тогаш најсилната Е-класа беше втемелена на моделот Е 420 од кој многу малку се разликуваше, што значеше дека неупатените не можеа да знаат дали во нејзиниот нос се крие потентен V8 мотор или пак анемичен дизел. Тоа донекаде ја втемели филозофијата на тогаш независната компанија да нуди возила со спортски перформанси и цивилен изглед. E 50 AMG беше и првиот нивни модел кој се појави во ценовниците на Mercedes и чинеше 148.350 DM.

Темпераментот сепак ѝ беше без сомнение спортски, благодарејќи на моторот од 4.973 кубни сантиметри облагороден од страна на AMG. Тој го задвижуваше овој волк во овча кожа до 100 km/h за 6,2 секунди проследени со моќна симфонија. Едноставно, E 50 AMG беше ракета со четири врати. Модификуваното предно ослонување го смалуваше подигнувањето на предниот дел при забрзувања, а бочните прагови и изменетиот заден браник придонесоа за оптимизирање на аеродинамиката. Од електрониката меѓу другото располагаше и со контрола на пролизгувањето на погонските тркала, а специјално развиениот за него систем за сопирање имаше двоклипни самовентилирачки дискови од 334 mm со пливачки клешти напред и задни дискови од 300 mm презедени од SL 600. Максималната брзина беше електронски ограничена на 250 km/h.

За година ипол пред да биде заменет со малку помоќниот E 55 AMG, беа произведени 2.960 примероци од овој модел.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *