Дебакл кој го чинеше Mercedes 300 милиони марки (видео)
» Само три дена откако започна да се продава, еден шведски новинар ја тумбаше A-класата на Mercedes на таканаречениот тест за избегнување на лос. Овој тогаш неформален тест што го изведуваа само Скандинавците предвидува маневар за избегнување пречка и враќање на лентата на движење при брзина која постепено се зголемува сé додека возилото не пролизга, што обично се случува на 70 до 80 km/h. Но во овој случај А-класата се истумба, и тоа на само 60 километри на час. Германците на почетокот со разни образложенија не ги прифаќаа резултатите, дозволувајќи веста планетарно да се рашири жигосувајќи ја А-класата во чиј развој имаа вложено 2,5 милијарди марки како небезбеден автомобил. Бруката да биде поголема, Trabant без проблем го помина истиот тест – погледнете го второто видео.
Сепак после дваесеттина дена инаетење, сфаќајќи дека ги ставаат на коцка не само иднината на моделот туку и угледот на целата компанија, тие го прекинаа производството на А-класата и се зафатија со решавање на проблемот, официјално обвинувајќи ги пневматиците кои заради поголема удобност имале премногу меки страници. Но според законите на физиката вистинската причина е високото тежиште на автомобилот кој имаше двојно дно, односно каросерија со под со сендвич-конструкција и простор во кој треба да бидат сместени батериите за идната електрична верзија која беше планирана, но никогаш реализирана. После три месеци и дополнителни 300 милиони марки трошок, А-класата се врати во продажба со нови пониски пневматици, помало растојание од подлогата, проширени траги на задните тркала, покрути пружини и амортизери, засилено подвозје и сериски систем за електронска контрола на стабилноста, а беа надградени и сите претходно произведени, продадени и непродадени примероци, вкупно околу дваесет илјади. Тоа го поскапе производството на А-класата за околу две ипол илјади марки, но мораше така да биде – видеото од еден друг тест прикажува какви опасности демнеа.
Mercedes од оваа прва генерација на А-класата продаде нешто над 1,1 милион примероци.