Tags: ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>18 ноември 1906 година

Британец со грчко-германски корени роден во Турција

» Александар Арнолд Константин Исигонис е роден на денешен ден 1906 година во отоманскиот град Смирна, денешен Измир, каде татко му, Грк кој британското државјанство го добил за време на студиите во Лондон, го водел семејното бродоградилиште, додека мајка му имала германски корени по кои тој е прв братучед на поранешниот директор на BMW и Volkswagen, Бернд Пишецридер. Во 1922 година, пред завршувањето на грчко-турската војна, неговото семејство е евакуирано на Малта, од каде наредната година се сели во Велика Британија. Таму едвај ги завршува студиите по машинство, после кои се вработува како инженер и конструктор во некогашниот производител на возила Humber. Настапува и на трки, каде незадоволен од однесувањето на неговиот Austin 7 развива посебно предно ослонување за него, што доведува до неговото преминување кај Austin. Оттаму се префрла во Morris каде работи на проектот Mosquito, кој после втората светска војна ќе се појави како Minor. Тоа воедно е и првиот автомобил креиран од генијалниот конструктор.

По спојувањето на Austin и Morris во British Motor Corporation во 1952 година оди во Alvis каде продолжува да работи на напредни решенија на системите за ослонување, кои никогаш не се развиени за производство бидејќи ги надминуваат ресурсите на компанијата. По три години се враќа во BMC, каде паралелно започнува да работи на три проекти. Тој на почетокот се концентрираше на поголемите модели, но заради недостатокот на гориво предизвикан со суецката криза предност беше дадена на најмалиот и најекономичен автомобил кој требаше да се развие што е можно побргу. Погодувате, тоа е Mini кој се појави во 1959 година, но без ослонувањето на Исигонис кое заради временскиот притисок е заменето со друго, исто така ново но погрубо решение, креација на Алекс Мултон.

После инстантниот успех на Mini, Исигонис кој беше назначен за технички директор на BMC продолжи да работи на паузираните проекти од кои настанаа Morris 1100 и Austin 1800, опремени со револуционерното ослонување кое тој го конструираше. А тоа пак до толку го зголеми трошоците за производство и гарантните трошоци за возилата, што го осакатуваше BMC. Затоа после создавањето на British Leyland во 1969 година беше префрлен на невлијателната позиција директор за специјален развој, измислена само за него за да може на раат да ја дочека пензијата во 1971-рата, иако продолжи да работи сé до својата смрт во 1988 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *