И ден-денес легенда
» Escort беше лансиран како втор модел (прв беше доставниот Transit) откако се здружија британската и германската филијала на Ford. Развиен во Велика Британија, тој таму настапуваше како наследник на успешната Anglia, додека во Европа ја дополни тогаш шупливата гама на марката. Започна да се произведува на денешен ден 1967 година во британската фабрика на Ford, додека на јавноста ѝ беше претставен на почетокот на наредната ’68-ма. Во тоа време конкуренцијата во оваа класа возила се наоѓаше пред технички пресврт кон сé уште недокажаниот погон на предните тркала. Затоа и Escort имаше класична шема со надолжно поставен мотор напред и погон на задната оска која беше ослонета со лиснати пружини. Но, токму тоа на Escort му ја даде издржливоста што се очекуваше, која заедно со мускулестиот дизајн на каросеријата изградија силен имиџ.
Затоа и стартот беше одличен – уште на почетокот продажбата за 30% ги надмина и онака оптимистичките очекувања на производителот и за помалку од пет месеци веќе беа пласирани сто илјади возила. Европското производство започна есента 1968 година во фабриката на Ford во Белгија, за наредната да биде префрлено во сосема нова фабрика во Сарлуис во Германија. Претходно возилата кои се продаваа во Европа се произведуваа во Велика Британија. На почетокот се нудеше само како седан со две врати, подоцна и како караван со три и седан со четири врати. Моторите кои ги наследи од Anglia беа дополнително доработени и стартуваа со 1,1 литарската варијанта со 44 коњски сили. Малку поубедлива во перформансите беше 1,3 литарската варијанта со 58 коњски сили, додека нејзината GT изведба со 83 и посебно и 1.6 Twin Cam верзијата со 115 коњи во која свои прсти имаше вмешано и Lotus, навестуваа дека ќе ги предизвика вљубениците во автоспортот. Во Ford го насетија тоа и ги лансираа неговите RS верзии со 1,6 и 2,0 литри, кои станаа вистински хит на тркачките патеки.
Оваа формула Ford ја задржа и кај втората генерација чија продажба започна во 1975 година – на предниот погон се префрли во третата генерација од 1980-тата. Како вистински светски автомобил, првата генерација на Escort се произведуваше уште и во Ирска, Израел, Австралија, Нов Зеланд, Тајван и Јужна Африка, а вкупно беа направени повеќе од два милиона примероци.