Ако сакаме да избегнеме тотален колапс на сообраќајот нам ни е неопходна државна стратегија за развој на сообраќајот
» Често се случува некој да праша какви субвенции постојат кај нас за електроавтомобилите, но одговорот на тоа е поразителен. За нив не се плаќа посебниот данок на моторни возила кој ги замени акцизите и – толку, ништо повеќе. Кога се носеше новиот закон за возила беше предвидено тие да се субвенционираат за нивната продажба да се стимулира, но таа ставка се загуби во собраниските комисии.
Ова е само еден од многуте примери за нашата лоша практика никогаш докрај ништо да не сработуваме и да се задоволуваме со парцијални решенија. А за жал секојдневно се соочуваме со проблеми кои не се решаваат така, уште помалку се некакви си набрзина стокмени акции.
Акциско делување не смее да биде замена за системски решенија
Недостатокот од систем кој би бил изграден како плод од сеопфатна национална стратегија, е видлив на секој чекор. Самата констатација дека ситуацијата ни е поблиска до хаос отколку налик на некој функционален систем претставува реална појдовна точка.
Значи, потребна ни е стратегија за развој на сообраќајот со која ќе бидат опфатени сите чинители. А тоа значи вклучување на сите државни институции и ангажирање на цел спектар од стручни лица, сé со една цел: страотниот сообраќаен хаос да биде системски решен. Парцијалните решенија од типот „сега да го средиме ова, а другото понатаму“ никаде во светот, а особено кај нас, не даваат резултат.
По согледување на реалната состојба би било умесно да се позанимаваме со трите главни фактори во сообраќајот: учесниците, возилата и инфраструктурата. Законите кои треба да ги регулираат релациите помеѓу главните чинители, ги имаме, односно тие би ги издвоиле како посебна тема.
Безбедноста е скапа – небезбедниот сообраќај уште поскап
Ако за интервенции врз составот на возниот парк и на изградба на потребната инфраструктура се потребни време и многу (прилично многу) пари, тогаш на однесувањето на учесниците во сообраќајот може релативно ефикасно да се влијае. Зачестените контроли и присутноста на сообраќајната полиција кои ги гледаме во последно време, заедно со неселективноста при казнените постапки, претставуваат инстантен лек за подобрување на драматичната небезбедност на нашиот сообраќај.
Сето тоа под услов ова однесување на сообраќајците да не биде само моментална акција туку перманентен дел од нашиот сообраќаен безбедносен систем. За возниот парк и инфраструктурата, како и законската регулатива која треба во чекор да го следи динамичниот развој на автомобилските технологии, би требало да се направат стручни студии кои потоа би се преточиле во пракса.
Безбедноста во сообраќајот е ѓаволски скапа работа. Небезбедниот сообраќај, пак, носи човечки трагедии и ненадоместливи загуби. Веруваме дека нема поединец помеѓу нас кој не посакува уреден, безбеден и цивилизиран сообраќај. Време е конечно да му ставиме крај на нашето погубно однесување. Ако најодговорните луѓе во државата конечно се одлучат да иницираат изготвување на национална стратегија за развој на сообраќајот во државата, ќе бидат исправени пред еден неверојатно комплексен предизвик. Во моментот, можеби вистинското прашање би гласело: На што се чека?