Ќе ги менуваме ли навиките во возењето?
» Скоро секој електричен автомобил денес има перформанси безмалку на ниво на суперавтомобил. Со самото тоа нималку не треба да чуди ако тие почесто се вклучени во сообраќајни несреќи, со што се наметнува прашањето дали тие се опасни во рацете на просечните возачи.
Кога Tesla го конструираше првиот Roadster беше сосема природно да го рекламира нагласувајќи ги перформансите. Оттогаш сé е подигнато на многу повисоко ниво со моделите кои располагаат со поголема сила. Брзо стана јасно дека скоро задолжително секој електричен автомобил поседува моќни електромотори кои му обезбедуваат застрашувачки бројки за забрзувањето. Слична е ситуацијата и кај електричните пикапи кои освојуваат голема популарност. Затоа сосема логично се наметнува прашањето зошто производителите настојуваат електричните автомобили да ги опремуваат со толку многу сила?
Одговорот е многу едноставен – тие и ден-денес имаат помалку предности во однос на возилата со мотори со внатрешно согорување па производителите мораат да имаат нешто со што ќе ги истакнуваат и ќе ја оправдуваат нивната цена. А моќноста кај електромоторите се добива многу лесно… Но никој не се запраша дали вештините на возачите ги следат промените на пазарот во поглед на силата и перформансите на електричните автомобили. Секако, сите сакаат силни автомобили, меѓутоа не секој ќе се осмели тукутака да седне во некој суперавтомобил, свесен дека не е ниту подготвен ниту доволно вешт за негово кротење. Уште помал е бројот на оние кои ќе признаат дека се просечни возачи. Сите сакаат да мислат за себе како да се асови зад воланот, иако реалноста често ги потсетува во спротивното, посебно оние најсамоуверените кои по правило за секоја незгодна ситуација ги криват другите. Но дури и сите возачи на денешните патишта да се исклучително вешти, тоа не би направило значајна разлика бидејќи со електричните возила веќе се создава расчекор меѓу способностите на возачите и перформансите на автомобилите.
Прашањето дали за возење електричен автомобил би била потребна посебна обука е глупо и никој не се ни осмелува да го постави. Затоа и единствено што се објаснува при купувањето е она најосновното, она по што возењето електричен автомобил се разликува од она на што сме навикнале. Но несреќи се случуваат. За жал, и во иднина ќе се случуваат и тоа во поголема мерка заради порастот на продажбата на електричните возила а со тоа и на возачите кои за прв пат седнуваат зад нивниот волан. Факт е дека работите по прашањето на коњските сили и секундите забрзување нагло отидоа предалеку пред да станеме свесни дека цената за тоа треба да се плати.