Ова се најважните премиери за 2022 година
» Годинава во која тукушто зачекоривме ќе биде плодна – ќе пречекаме преку сто интересни премиери и пазарни лансирања. Дел веќе добро ни се познати бидејќи доцнат заради нарушените синџири на снабдување, други пак само ќе ги видиме сега а нивната продажба ќе започне во 2023 или 2024 година. Ова се најважните:
Alfa Romeo
Премиерата на Tonale, компактниот кросовер на Alfa Romeo, веќе неколку пати е одложувана, но сега е извесно дека веќе во првите месеци од 2022-рата конечно ќе ја запознаеме неговата сериска изведба. Ќе ги дели платформата и моторите со Jeep Compass, што значи дека ќе се нуди со 1,3 литарски турбо бензинци и два плаг-ин хибриди. Дизели веројатно нема да има.
Audi
После плодните 2020-та и 2021-ва, годинава Audi навидум ќе заплови во помирни води и ќе ги лансира освежените A8 и e-Tron, можеби и A6, а ќе ги претстави протеренската Allroad верзија на A3 и електричниот Q6 e-Tron.
BMW
BMW ќе има долга листа нови производи – оваа година ќе бидат обновени сериите 3 и 8 и луксузните X5 и X7, Active Tourer верзијата на серијата 2 ќе излезе на улиците, а љубителите на спортските перформанси ќе бидат одушевени со M2 Coupe и M3 Touring. Најзначајни сепак се премиерите на водечките модели на баварската компанија – серијата 7, електричната лимузина i7 и хибридниот SUV XM кој може да се појави под ознаката X8, а ќе ја видиме и наредната генерација на X1. Не сме сигурни дали треба да ги споменуваме Gran Coupe изведбата на серијата 4 и нејзината електрична варијанта i4, кои во некои европски земји веќе го започнаа својот пазарен атак.
Citroen
Годината 2022-ра за Citroen ќе биде во знакот 5 – ќе го дочекаме C5 X кој е комбинација на лимузина, караван и SUV, а светлото на денот ќе го здогледа и модернизираниот C5 Aircross.
Dacia
Претставен во септември, семејниот Dacia Jogger како еден од автомобилите за кои многу се зборуваше во последно време со своите 7 седишта треба да се појави на пазарот на почетокот на пролетта.
Fiat
После релативно мирниот неколкугодишен период, Fiat годинава ќе се подготвува за темелно освежување на својата гама, во добар дел врзана за соодветните модели на PSA групата. За почеток тоа ќе бидат доставните Doblo и Scudo и неговата патничка изведба Ulysse.
Ford
Покрај освежените Fiesta, Focus и Kuga, годинава од Ford во продажба ќе се појават и првите возила произлезени од соработката со Volkswagen – Tourneo Connect и Ranger.
Honda
Honda конечно во Европа ќе ги лансира хибридниот HR-V и новата генерација на Civic, која веројатно за купувачите на Стариот континент исто така ќе биде хибридна, а ќе дознаеме дали таква ќе биде и нејзината Type R верзија. Освежување треба да добие и CR-V.
Jeep
Jeep Grand Cherokee во најновото издание веќе е претставен, но пазарното деби ќе го има во оваа година. Во Европа ќе биде достапен само како плаг-ин хибрид.
Kia
Kia ќе има два значајни модела – новата генерација на Sportage кој ќе се продава со шаренолика палета мотори – бензински, дизел, хибридни и плаг-ин хибриди, а ќе се појави и втората генерација на Niro кој и понатаму ќе се нуди во хибридна, плаг-ин хибридна и електрична варијанта. Секако, тука е и EV6 кој официјално е лансиран, но сé уште се ретки земјите каде може да се нарача, уште поретки каде може и да се добие.
Land Rover
Британскиот производител ќе биде концентриран на врвот од својата понуда – ќе започне со продажба на новиот Range Rover и ќе ја претстави новата инкарнација на Range Rover Sport, додека под знакот на Land Rover не се очекуваат позначајни новитети.
Lexus
Веќе претставениот NX е одговор на Lexus кој како марка долго одолеваше на трендот за лансирање плаг-ин хибриди, а го очекуваме и целосно електричниот RZ 450e.
Mazda
Пролетва во салоните на Mazda ќе пристигне новата хибридна Mazda2 која всушност е ребрендиран Toyota Yaris, а очекуваме и два нови SUV модели, CX-60 и CX-80, додека Mazda6 треба да добие нова генерација.
Mercedes
Од Штутгарт ќе пристигнат цела плејада новитети – Mercedes веќе ги има подготвено SL, T-класата, нејзината електрична изведба EQT и електричниот пандан на E-класата, моделот EQE, а ќе ни ги претстави и луксузниот EQS SUV и новата генерација на GLC, додека некој ќе се радува и на пристигнувањето на електричниот EQB кој е во состојба да собере 7 патници. Вистинската радост сепак ќе ја донесе плаг-ин хибридниот AMG-GT 63 S. Треба да ги очекуваме и обновената A-класа и новиот CLE кој ќе ги замени купе и кабриолет верзиите на C и E класите, а можно е да се појави и EQE SUV.
Nissan
Покрај Leaf, повеќе години Nissan во Европа е концентриран исклучиво на кросоверите и затоа пазарното дебитирање на електричната Ariya е настан сам за себе, кој конечно ќе се случи годинава. Како новитети се споменуваат и хибридниот Qashqai e-Power, четвртата генерација на X-Trail и доставниот Townstar базиран на Renault Kangoo.
Opel
Opel го има можеби најмоќниот новитет во 2022-ра, новата генерација на Astra. Првите нејзини примероци заедно со освежениот Grandland ќе се појават во салоните веќе на почетокот на годинава, а пред летните одмори ќе им се придружи и караванската Astra Sports Tourer. Се зборува нешто и за освежување и репозиционирање на Insignia, ама…
Peugeot
И Peugeot има новитет, малку задоцнет но сепак моќен – следената генерација на 308. Се темели на нова мултиенергетска платформа која засега ќе биде опремувана со бензински, дизел и плаг-ин хибридни агрегати, а од идната 2023 година и со електричен погон, но пред тоа ќе го дочекаме обновениот 508.
Renault
Електричен ќе биде и најмоќниот новитет на Renault, петтата генерација на Megane која со додавката E-Tech ќе се дистанцира од сегашниот модел кој уште некое време ќе остане во понуда. Сивилото во гамата треба да го разбие и Austral, кој ќе го замени Kadjar.
Škoda
Веќе добро освежената гама на Škoda во годинава што доаѓа ќе биде збогатена со новата изведба на Karoq и купе верзијата на Enyaq, а тука е и Fabia која ќе го продолжи својот пазарен поход низ Европа започнат лани.
Subaru
Ако некој во Европа сé уште се интересира за Subaru, треба да знае дека Solterra, братот близнак на Toyota bZ4X кој веќе е преставен, ќе пристигне годинава.
Toyota
А Toyota, покрај веќе споменатиот електричен bZ4X, ќе дебитира и со спортскиот GR86, следната генерација на градскиот Aygo сега со суфикс X и како четврти новитет Corolla Cross за која срамежливо се претпоставува дека од сите нив ќе биде најпопуларен меѓу купувачите.
Volkswagen
Volkswagen ветува доста интензивна година – во првите месеци ќе се појават купе-кросоверот Taigo, освежениот T-Roc, електричниот ID.5 и семејниот T7 Multivan. Во втората половина од годината нé очекува ID.Buzz, а веројатно ќе ја видиме и втората генерација на Amarok која ќе биде базирана на новиот Ford Ranger.
Volvo
C40 како купе верзија на XC40 Recharge треба да ја продолжи успешната електрична приказна на Volvo.
И уште…
Но колку и да е долга оваа листа, тоа не е сé – премиери имаат подготвено и Cupra, DS, Hyundai, Genesis, Maserati, Smart, Suzuki…