Tags: ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>4 јануари 1930 година

Еден од само трите сериски автомобили со V16 мотор

» Само три месеци после крахот на берзата, Cadillac го претстави моделот V-16. Неговиот агрегат е добиен со спојување на два линиски осумцилиндрични мотори од Buick под агол од 45° со заедничко коленасто вратило и вкупно 7,4 литри работна зафатнина. Инженерски беше добро обработен но скромен по моќност – 165-те коњски сили едвај ги дотеруваа возилата тешки меѓу 2,4 и 3 тони во зависност од изведбата до максималните меѓу 130 и 160 km/h. И покрај лошиот тајминг за лансирање овој модел наиде на огромен интерес – првиот месец се произведуваа по неколку автомобили на ден, а потоа по повеќе од дваесет. Така до април беа направени илјада, а до јуни две илјади. Тоа се должеше за големиот број верзии, десет основни и вкупно околу 70 изведени од нив, како и на добриот квалитет на обработка – сите жици беа сокриени, моторниот простор беше обложен со блескав полиран алуминиум и порцелан, а целиот автомобил изобилуваше со луксуз. Но потоа кризата си го зеде данокот и интересот нагло опадна – до крајот на годината беа направени уште 500 возила, наредната 1931-ва 750, во ’32-рата 300, а потоа по педесетина годишно…

Cadillac V-16 (со своите две генерации) е еден од само трите сериски автомобили со V16 мотор кои не се наменети за трки. Вториот е Marmon Sixteen исто од тоа време, а третиот Cizeta-Moroder V16T од 1991 година од кој се направени само 14 примероци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *