Tags: , ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>7 јануари 1989 година

Најбруталниот современ автомобил

» На денешен ден 1989 година на салонот на автомобилите во Детроит премиерно беше покажан Dodge Viper. Овој најбрутален современ автомобил настанат како современа верзија на Shelby Cobra доживеа фантастична реакција од публиката, но тогашниот директор на Chrysler Ли Ајакока на почетокот одбиваше да ги одобри потребните 70 милиони долари потребни да се подготви неговото сериско производство сомневајќи се дека тој ќе донесе финансиска корист за компанијата. Тој тоа го стори дури скоро после година ипол, откако тимот инженери и дизајнери специјално составен за развој на моделот ја заврши својата работа и со помош на Lamborghini (кој тогаш беше во сопственост на Chrysler) направениот целосно функционален прототип го увери во потенцијалите што ги има за подобрување на имиџот на компанијата.

Dodge Viper воопшто не беше практичен автомобил но предизвикуваше стравопочитување. Немаше кваки однадвор на вратите, покривот му беше платнен а страничните стакла пластични и се отвораа и затвораа со патент. Немаше клима уред ниту пак ABS сопирачки, но сепак ја распламти јавноста со специјално за него креираниот алуминиумски V10 мотор со брегаста оска поставена меѓу цилиндрите кој од своите 8 литри работна зафатнина извлекуваше 400 коњски сили. Издувните цевки му беа извлечени од страна пред задните тркала, а перформансите му беа рекордни – забрзуваше до 100 километри на час за 4,2 секунди и постигнуваше максимални 266 километри на час. Возењето со него беше неописливо возбудливо но и доста изискувачко и тешко се кротеше. Продажбата му започна во јануари 1992 година по цена од 52.000 долари.

Колкаво беше влијанието на Dodge Viper на американската автомобилска култура не треба да објаснуваме. Со прекини се произведуваше до 2017-тата, а направени се 31.850 примероци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *