Tags: ,
Шанса што треба да ја искористиме

Да излеземе од пандемијата со подобрен сообраќај

» Во време кога светот сé уште се нема изборено со пандемијата која на почетокот речиси го замре сообраќајот, природата доживува препород. Зборуваме за Скопје, но истото важи за сите поголеми наши и европски градови. Поради мерките со кои треба да се совлада пандемијата, едно време сообраќајот, посебно во урбаните центри, драматично се проретчи. Тогаш се случи тоа – присилно наметнатите мерки како да ја разбудија природата. Сведоци сме на почист воздух, побистри реки, а и дрвјата како поубаво да расцветаа.

Ако се сконцетрираме само на сообраќајот (да не го занемариме загадувањето од индустријата) сигналот е јасен – употребата на моторните возила ќе треба да се редуцира. Алтернативите одамна се подготвени и понудени; индивидуалниот еколошки превоз мора да добие апсолутен приоритет. Во наши услови тоа би значело давање приоритет на велосипедите. Повеќето европски градови и досега предничеа со патна инфраструктура за нив – Милано, Торино, Берлин, Париз, Мадрид, Виена и други веќе ги имаат прецртаа коловозните ленти. На сметка на автомобилите, тие се ослободуваат за велосипедите.

Оваа мерка се наметнува како применлива и кај нас. Во најголем број случаи градските сообраќајници, барем во Скопје, ако не се со по три тогаш се најмалку со по две коловозни ленти во една насока. Кој би имал против едната лента да биде резервирана за велосипедистите? Знаеме дека во нивниот број во таква инфраструктура од ден на ден ќе се збогатува. Но, очигледно тоа не е доволно! Одличен пример за организација на сообраќајот може да биде Швајцарија. Во многу места таму крајната лева лента е наменета за движење на велосипедите, а на останатите една или две ленти се движат моторните возила. Намерата е јасна – да се стимулира возењето на индивидуални, пред сé еколошки превозни средства на сметка на моторизираните. Бенефитот е повеќе од очигледен: сите ќе дишеме почист воздух и побрзо ќе се движиме!

Во ваква ситуација ќе настрадаат возачите на автомобили. Нивната реакција е прилично предвидлива – и онака неподносливиот метеж сега ќе доведе до непроодност. Да, има вистина во тоа. Но, нели само при силна дерегулација можеме да дојдеме до квалитативно нова ситуација. Идејата е учесниците во сообраќајот да ги променат навиките – секој кој има можност да почне да користи велосипед, без или со помош на електриката. Логиката е едноставна – ако можат тоа да го прават земјите кои ја измислија моторизацијата, би требало да можеме и ние, пред сé во урбани центри. Освен подобреното здравје предизвикано од зголемената физичка активност, сите би профитирале од почистиот воздух, а придружните ефекти како што е значително ослободување на паркинг просторите, се добиваат како пригоден бонус.

Не помалку важен е и економскиот фактор. Имено, со воздржување од користењето на автомобил во значителна мерка ќе се растоварат и семејните буџети. За купување добар велсоипед не треба да се издвојат големи суми, а згора на тоа и властите го субвенционираат купувањето. Да заклучиме: сé што треба да направат надлежните се сведува на прекројување на коловозните ленти, останатото зависи од нашите навики. И нашата совест, пред сé!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *