Ангел-чувар
» ABS системот против блокирање на тркалата при кочење заедно со сигурносните појаси и проектираните зони на деформирање се најзаслужни за трендот на намалување на последиците од сообраќајните несреќи. Основите на неговото работење се поставени уште во првите децении од 20-тиот век, но неговата практична имплементација започнува подоцна, најпрво кај шинските возила и во воздухопловството. Првиот автомобил со ваков систем беше Jensen FF од 1966 година. Развиен од Dunlop, тој работеше на механичка основа и се покажа скап и недоверлив. Модерниот систем против блокирање на тркалата го има развиено италијанскиот инженер Марио Палацети во 1971 година во лабораториите на Fiat и патентот го има продадено на Bosch, кој заедно со Mercedes кој за прв пат го вгради во S-класата серија W116 во 1978 година се најзаслужни за неговото масовно воведување.
Теоретските основи на делување на овој систем се базираат на тоа што коефициентот на триење при тркалање е поголем отколку коефициентот на триење при лизгање со што се скратува патот на запирање. Дополнително, со тоа што тркалата не блокираат при остри кочења што ги спречува да ги преземат бочните сили и возилото по инерција продолжува праволиниски, туку продолжуваат пулсирачки да се вртат, возилото ја задржува управливоста. Самата изведбата на системот не е многу комплицирана. На секое тркало се монтирани дискови налик на запченици со кои сензорите го следат нивното вртење. Кога електрониката врз основа на информациите што ги добива од нив ќе детектира дека некое тркало не се врти, преку електромагнетен вентил го намалува притисокот во кочната клешта, дозирајќи ја силата на кочење на граница на пролизгување. Заради тоа и при остри кочења кога системот се активира се чувствува пулсирање на педалата на сопирачките. Сликовито кажано, системот овозможува кочење „на рати“ со зачестеност од неколку десетина циклуси во секунда. Тоа е целата тајна на ABS системот.
Првите уреди беа двоканални, со по еден вентил за дозирање на силата на кочење на секоја оска. Следеа триканалните со три или четири сензори но само еден вентил за дозирање на силата на кочење на задната оска и два на предната, за сега сите да бидат четириканални, односно да делуваат на сите четири тркала.