Tags: ,
Десет битни работи за горивата

Многу прашања, уште повеќе одговори

» Одамна не сме слушнале некои посериозни обвинувања за квалитетот на нашите горива, што пак не значи дека тие навистина се квалитетни. Со оглед на контролните механизми што ги имаат и државата и дистрибутерите на горивата се надеваме дека е така, но сепак скептичноста не нé напушта. Но ако се држиме до прописите и правилата, тогаш треба да знаеме дека кај нас (треба да) се точат горива со ист или приближно ист квалитет со европските. Разлики секако постојат, но тие се во рамките над минимално дозволеното, што значи дека горивата (кај нас или во странство, сеедно) можат да бидат поквалитетни но не и помалку квалитетни од пропишаните. Но што всушност го одредува квалитетот на горивата? Затоа накратко теоретски да се запознаеме со најважните работи за нив.

1. Октански број – способност на горивото да се справи со детонацијата

Бројот зад ознаката еуросупер 95, 98 или 100 го означува октанскиот број на бензинот кој ја одредува неговата отпорност на самозапалување и неконтролирани детонации. Колку е поголем, толку е поголема и неговата отпорност на детонантното согорување кое се јавува пред искрата од свеќичките да прескокне и е многу штетно за моторот. Ако се случи тоа, доаѓа до предвремено самозапалување на смесата и неконтролирано согорување кое може да ги оштети клиповите, клипните прстени, вентилите…

2. Цетански број, за подобро согорување

Обратно од октанскиот, цетанскиот број ја покажува способноста на дизел горивото за самозапалување и доцнењето од моментот на вбризгувањето до палењето на горивото под притисокот и температура што се создаваат во цилиндрите. Ако тоа време е преголемо може да дојде до детонантно односно неконтролирано согорување во цилиндрите кое може да ги оштети виталните делови на моторот. Колку цетанскиот број е поголем, доцнењето на замозапалувањето на горивото е помало и неговото согорувањето е подобро. За разлика од бензините и октанскиот број, цетанскиот број не се истакнува во ознаката на дизел горивата.

3. Чистете го резервоарот – влагата и нечистотиите навлегуваат и од воздухот

Без оглед на чистотата на горивото, на подолг рок не може да се избегне насобирање на влага и нечистотии во резервоарот. Како што горивото во него се троши, низ еднонасочниот вентил од околината навлегува воздух со повеќе или помалку влага. Таа потоа се кондензира на ѕидовите од резервоарот и капе во горивото во него. Затоа препорачливо е негово чистење на 50.000 km.

4. Не возете на резерва – тоа е штетно

Пумпата за гориво се наоѓа на дното на резервоарот и се лади со горивото. Затоа и кога него го има малку, се зголемува загревањето на пумпата. Ситуацијата ја влошуваат и честичките нечистотија кои во помала количина гориво ги има во поголема концентрација. Заради тоа  препорачливо е да се дополни резервоарот кога количината гориво во него ќе се намали под четвртина. Исто така препорачливо е горивото да се точи на пофреквентни и понови пумпи.

5. Што помалку сулфур, за моторот и околината

За среќа, повеќе со овој проблем не се среќаваме, барем не регуларно. Сите горива според важечките стандарди имаат многу мала количина сулфур, со што се намалуваат емисиите на сулфурните соединенија одговорни за штетните кисели дождови. Но тоа не е случај со нафтата за греење во домаќинствата, во која е дозволено поголемо количество сулфур. Кај нас сепак заради малите количини и дискутабилната исплатливост таа посебно да се набавува дистрибутерите на горива знаат и дизелот обоен во законски пропишаната боја да го продаваат како нафта за домаќинствата, но тоа никако не значи дека во возилата без грижа можеме да ја трошиме. Поголемата количина сулфур во моторот предизвикува деградација на маслото и корозија на виталните делови.

6. Горивата содржат одреден процент биогориво во себе

Можеби не кај нас, но во еколошки освестените држави е така – постои законска обврска на дистрибутерите сите горива што ги продаваат во себе да содржат одредена количина био-компоненти. Регулирањето на ова прашање е препуштено на националните законодавства, но генерално ако во дизелот има до 7% биодизел а во бензинот до 10% биоетанол, тоа не треба посебно да се означува. Тој процент не предизвикува никакви проблеми во работата на моторите. Напротив, биоетанолот ја зголемува октанската вредност на бензинот.

7. Густината е битна за квалитетот

При купувањето гориво постои една нелогичност – го плаќаме во литри, а енергијата што тоа ја содржи зависи од неговата тежина. Заради тоа важна е густината на горивото, односно неговата специфична тежина. Тоа е регулирано со правилниците за квалитетот на горивата кои се продаваат и се контролира.

8. Мазивоста на дизелот е важна за вбризгувањето

Пумпата за висок притисок (која сите ние ја викаме бош-пумпа) и бризгалките се подмачкуваат со самото гориво кое протекува низ нив. Затоа мазивоста на дизел горивото е битна за системот за вбризгување. Таа со намалувањето на количината на сулфур во горивото се намалува, што се решава со додавањето наменски адитиви кои ја обезбедуваат потребна мазивост. Ова е една од поважните карактеристики на дизел горивото.

9. Филтрабилност, за ниските температури

Важна исто така е и филтрабилноста на дизелот која е карактеристика која покажува под која температура може да дојде до проблеми при протокот на горивото низ системите за дистрибуција и напојување на моторот, односно нивно затнување заради „смрзнување“ (всушност парафинизација) на горивото во зимски услови. Затоа на дизелот во согласност со географското подрачје и годишното време каде и кога се продава му се додаваат соодветни адитиви. Тоа практично значи дека дизелот купен на лето не е ист како и оној на зима, исто како и дизелот наточен на зима во Крушево или Гевгелија.

10. Учеството на полициклични ароматични јагленоводородни соединенија, за екологијата

Присуството на полициклични ароматични јагленоводороди заради лошото согорување еколошки е непожелно и тие ги влошуваат енергетскиот биланс и ефикасноста и ја зголемуваат потрошувачката на гориво.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *