Незаборавна легенда
» На 7 мај 1990 година светот му салутираше на Lamborghini Countach испраќајќи го во пензија после 19 години и 2.049 произведени примероци. Оваа автомобилска легенда која никогаш нема да биде заборавена се појави како концепт во 1971 година како дело на маестро Гандини од Bertone. Беше пионер меѓу суперавтомобилите со страста со која беше направен и го популаризираше клинестиот изглед со остри агли на каросеријата со кабина поместена нанапред за назад да се смести поголем мотор. Фантастичниот дизајн, вратите кои се отвораа нанагоре и ѕверските перформанси го направија легенда уште кога се роди. Тоа остана и дури откако диригентската палка во светот на високите перформанси му ја отстапи на Diablo.