Очигледно, ништо од тоа
» Една вест од Толјати сосема случајно ни го привлече вниманието – дека против некој си директор таму е покренато обвинение дека не им исплатил плати на вработените. Но тој некој си директор е глава на компанијата што треба(ше) да го произведува најевтиниот електромобил во светот наречен Zetta, и тоа почнувајќи од крајот на 2020-тата. Проектот беше поддржан од руското министерство за индустрија и трговија, пробното производство беше започнато, а кога ќе стартуваше со полн капацитет од фабриката ќе излегуваа по 15.000 возила годишно, од кои две третини беа планирани за извоз. Но тоа не се случи и како што прочитавме, компанијата нема пари ни да им ги исплати платите на вработените.
Штета, бидејќи ова автомобилче чие име е кратенка од Zero Emission Terra Transport Asset многу ветуваше. Има четири електромотори сместени во главчините на тркалата со номинални 46 коњски сили, а акумулаторите од 10 киловат-часа треба да му обезбедат автономија од околу 180 километри. Цената на основната верзија беше поставена на малку над шест илјади евра, а скоро сите компоненти освен батериите требаше да бидат од руско потекло.