Снемавте струја? Нема проблем!
» Малата автономија и слабо развиената инфраструктура за полнење на батериите се сериозна пречка за помасовно прифаќање на електричните автомобили – никој не би сакал да остане среде пат без струја оти неа не може, како бензинот, да ја донесе во канистер. Решение за овој проблем има рускиот старт-ап L-Charge кој разви подвижен полнач за електрични возила, всушност генератор на тркала сместен во товарниот простор на комби кое на повик ќе дојде каде треба и ќе ги дополни испразнетите батерии. Од компанијата велат дека има капацитет за генерирање на 1.440 kWh струја секој ден и својства на брз полнач кој просечно електрично возило за 5 минути ќе му обезбеди поминување на околу 100 километри, а истовремено може да полни четири возила. За сé да биде еколошки генераторот работи на природен гас или водород.
Компанијата која се надева дека покрај во Москва ќе ги лансира своите подвижни полначи и во Лондон, Дубаи, Минхен, Барселона и Амстердам, веќе има обезбедено 1,5 милион долари инвестиции за својот проект и моментално се во потрага по партнер кој би можел да произведе околу две илјади вакви подвижни полначи годишно. Цената им изнесува околу 200.000 долари, а за полнење во Москва се наплатува 15 рубљи (околу 11 денари) за киловат-час.