Препуштени на среќата и на господ
» Треба уште многу што да се менува во општеството за електричните возила да станат рамноправен дел од нашето секојдневие. Притоа не мислиме на тоа дали се скапи или пак колку километри можат да поминат – тоа се подразбира. Постојат уште низа други работи кои или не се согледуваат целосно, или пак малку се презема за да навреме се превентираат. Една таква се и пожарите, поточно подготвеноста на противпожарните служби да се справат со пожарите на електричните возила. Опасноста од пожар на електрично возило е реална, дури и повеќе отколку кај бензинските возила. Освен сообраќајните несреќи, причината е и топлината што се ослободува при празнењето (и полнењето) на батериите, за чие правилно и безбедно одведување производителите на возила сé уште немаат доволно искуство. За жал, треба да се случат што повеќе пожари за тие да се научат како најбезбедно да ги ладат батериите.
Но проблемот на кој сакаме да посочиме не е тој, туку што кога ќе се случи при пожар на електрично возило, без разлика зошто. Исто така за жал, како стојат работите сега, тогаш сте препуштени на среќата и на господ бидејќи противпожарните служби не можат многу да ви помогнат. Според едно официјално истражување во САД од 2018 година, половина од нив немале протоколи како да реагираат во такви случаи. Проблемот е подлабок отколку што на прв поглед изгледа бидејќи за успешна реакција на противпожарните служби во случај на пожар на електрично возило потребна се и посебна опрема и обучени пожарникари, кои според истражувањето 31% од службите во САД ги немаат. Но, и тоа не е сé – иако шансите за пожар кај нив се помали, истата опасност ги демне и хибридните возила.
Како причина за ваквата неподготвеност на интервентните служби во САД во 65 отсто се наведува немањето ресурси и финансии. Страв ни е да прашаме како стојат работите кај нас во Македонија.