Геостратешки интереси или навистина штета по здравјето
» Дизелските мотори ги исфрлаат заради емисиите? Немојте да се шегувате – сето тоа е политика. Хајката против дизелите ја поттикнаа разните интересни лобија, бидејќи долгорочно ќе расте побарувачката за дизел горивото кое недостасува, а бензинот го има повеќе од потребите. Наша забелешка: дизелот кај нас во моментот е за денар (1,2 отсто) поскап од бензинот 95, а во времето кога била објавена оваа анализа бил за 13 денари (точно 20 отсто) поевтин. На дизел моторите деновите им се одбројани и нивното пазарно учество ќе започне да паѓа. Но не затоа што во прашање е нивната штетност заради испуштањето на саѓе и азотни оксиди, бидејќи нивните количини пропишани со Еуро 6 нормите се толку мали што е тешко да се измерат.
Постојат истражувања кои покажуваат како тие преостанати најситни честички се најопасни бидејќи длабоко ги вовлекуваме во белите дробови. Но исто така се тврдеше дека маргаринот е поздрав од путерот па потоа обратно, дека за крвотокот се корисни мали количини алкохол, па потоа повторно дека не се… Зад сето тоа лежат повеќекратни интереси на големите играчи. Европската комисија ќе пропише поголеми давачки за дизелите, затоа трошете го дизелското гориво додека е поевтино од бензинот – наскоро нема да биде.
Нели ви е малку необично дека Mercedes новата серија дизели, четирицилиндричните OM 654 и шестцилиндричните OM 656, ги развија и воведува во време кога сите ги отпишуваат? Дали во Штутгарт се толку удрени да не можат да видат дека дизелите за кои е докажано дека реално испуштаат за 20 отсто помалку CO₂ навистина донесуваат еколошка катастрофа? Наводно испуштаат 4 пати повеќе азотни оксиди и 20 пати повеќе саѓе, иако егзактно измерени резултати за автомобили со слични карактеристики со дизел и бензински мотори, во исти услови, баш и нема. А и доказите за екстремната штетност на тие гасови потсетуваат на сотонизирањето на природното сончево зрачење, за да се мачкаме со креми со стотина канцерогени состојки.
Ќе биде повеќе дека станува збор за политика – геостратешките интереси се во прашање.