Tags:
Керамичка заштита на лакот (видео)

Потреба или скапа шминка?

» Автопералните се вносен бизнис, посебно ако нудат нешто различно од другите. Но бидејќи им фали малку маркетинг, за квалитетот на нивните услуги се зборува само меѓу сопствениците на возила, базирано исклучиво на сопственото или туѓо субјективно мислење, без базирање на реални и проценливи факти. Затоа и слушаме приказни за тоа кои се подобри – оние со четки или класичните, колку се корисни посебните додатоци, специјалните шампони и крпи, средствата за заштита, восоците… Можеби не кај нас толку, но низ светот постојат и високоспецијализирани автоперални кои нудејќи највисоко ниво на заштита ги користи само посебна клиентела, луѓе на кои автомобилот не им е само превозно средство. За нив стручњаците за нега на автомобилите ќе кажат дека нудат кралски услуги, меѓу кои е и керамичката заштита на лакот.

Но, да започнеме од почеток, од тоа колку е важна квалитетната нега на автомобилот. Многу возачи ја занемаруваат важноста на квалитетното чистење и одржување на автомобилот, кај кое не е важна само естетиката. Убаво е да се седне во чист и измиен автомобил, но важно е што темелно негуваниот автомобил ќе биде неспоредливо потраен. На многу возила после само неколку години лакот им е оштетен, па дури и уништен. Поправката не само што е скапа и неисплатлива, туку и таков автомобил никогаш нема да изгледа како со оригиналниот лак, без оглед на квалитетот на сработеното.

Ротирачките четки се најлошиот избор – тешко можат да се избегнат гребаници и оштетувања. Така е главно заради тоа што ретки се оние кои редовно ја одржуваат опремата, односно ги менуваат истрошените нишки. Со тек на време кај нив доаѓа до стврднување и пукање на врвовите кои ја оштетуваат површината на лакот, за што е неопходно полирање. Заради тоа се препорачува рачно миење, посебно кај оние сервиси кои користат квалитетни средства и ја одржуваат чистотата на крпите и сунѓерите. Едно заостанато камче може да направи големо зло. Во поглед на најквалитетните услуги, керамичките заштитни премази стануваат сé повеќе популарни меѓу автоентузијастите и сé поголем е бројот на автоперални кои се специјализираат за нив. Но, за што всушност станува збор и колку стварно користат?

Керамичката заштита на лакот се темели на исклучителната механичка и хемиска отпорност на премазот, кој освен што дава висок сјај ја продолжува трајноста на лакот и го олеснува одржувањето на надворешниот изглед на секое возило. Како основа кај повеќето вакви премази се користи силициум диоксид кој помешан со соодветно средство за растворање овозможува примена на лакирани површини, обезбедувајќи им исклучителна тврдост и подобрена сјајност. Поедноставно кажано, керамичките премази ќе овозможат автомобилот секогаш да изгледа чист и сјаен бидејќи потешко ја собира нечистотијата и да биде поотпорен на гребаници и оштетувања од каменчиња во возењето. Трајноста на керамичката заштита се движи од две до седум години, во зависност од видот на премазот. Со неа возилото ќе мора доста поретко да се мие и подолго ќе изгледа како ново.

Керамичките премази се дел од новите трендови на одржување и нега на возилата кои најчесто се преминуваат при таканаречениот car detailing, односно со детално чистење на сé на возилата. И не само на нив, туку и на јахтите, авионите и делови од домаќинствата. Притоа е важно искуството во оваа дејност, како и сертификатите за користење на одредени технологии на чистење и разни производи за тоа. А тие по многу нешта се специфични и посебно корисни. Она што ги издвојува се единствените често патентирани формули. Клучна особина на премазите е способноста да ја подобрат тврдоста на лакот и тоа до неверојатно ниво. После тоа површината на лакот, освен исклучително отпорна на гребаници, станува и хидрофобна и липофобна, а и има и тенденција на самочистење. Благодарејќи на дебелината на премазот, гребаниците и губењето на сјајот на лакот кои можат да настанат како резултат на стандардниот процес на миење или на опсежно изложување на штетни надворешни влијанија, на пример на птичји измет, нема да продрат до лакот зачувувајќи ја неговата површина практично недопрена. Лакот станува сосема отпорен не само на детергенти туку и на други хемиски супстанци со pH вредност меѓу 2 и 11, што го прави исклучително издржлив и нечувствителен на миење со силни средства.

Ваквите посебни својства се темелат на карактеристиките, односно составот на премазите.  Традиционалните заштитни премази базирани на основа на природни и синтетички восоци или производите базирани на полимери кои често се нарекуваат нанотехнологија, не гарантираат мерлива дебелина. Тие се задржуваат на лакот додека трае нивната природна масленост или додека нивните полимерни врски не станат претерано оштетени. Обично ефикасноста на ваквите премази дополнително се намалува со користење на вообичаените детергенти за одмастување. Од друга страна, керамичките премази имаат сосема различни структура, хемиски состав и својства на отпорност. Во зависност од бројот слоеви, дебелината на премазот може да изнесува од 0,2 до 2,5 микрометри. Заради доста малите молекули кои се цврсто поврзани заедно, било каква неправилност на структурниот интегритет предизвикана од надворешни фактори технички е невозможна. Единствениот начин за отстранување на премазот бара примена на професионални интензивни абразивни средства.

За нанесување на керамичкиот премаз на лакот задолжителна е подготовка на возилото која вклучува хемиска и механичка деконтаминација на сите надворешни површини и корекција на лакот. Површината треба да биде апсолутно беспрекорна, што е еден од условите нанесената заштита да штити од контаминации и помали механички оштетувања во наредните години. Покрај заштитата на лакот се штитат и останатите површини – тркалата и пластиката од УВ зраци. Ова е посебно важно за скапите возила од луксузните марки. Но, треба да се знае дека керамичкиот премаз не може потполно да заштити од гребење на лакот со клуч или друг остар предмет. Сепак, последиците од тоа се помали – за да се направи иста гребаница треба да се употреби значително поголема сила, со што ваквите оштетувања често се мали и можат да се исполираат. Генерално кажано, керамичкиот премаз штити и од вакви дела бидејќи ги намалува последиците и ја олеснува поправката.

Цената на еден третман на квалитетна заштита со керамички премази зависи од големината на возилото и времето потребно за негова подготовка во поглед на тоа колку оштетувања има, но знае да се искачи и до вртоглави бројки, некогаш и до десет илјади евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *